Тимошенко: Германија сака да ја продолжи војната на сметка на Украинците

Поранешната премиерка на Украина во два мандати Јулија Тимошенко, а сега пратеничка, го обвини шефот на германското разузнавање Бруно Кал дека сака да ја продолжи војната на сметка на Украинците.



Таа ги цитираше неговите зборови дека ако конфликтот во Украина заврши порано од 2030 година, тогаш „Русија ќе може да ги искористи своите ресурси за агресија против Европа порано од очекуваното“.

„Бруно Кал за прв пат официјално го потврди она во што не сакавме да веруваме. Некој реши да го плати „исцрпувањето“ на Русија по цена на самото постоење на Украина и животите на стотици илјади Украинци заради безбедноста на Европа?“, напиша таа на својот Фејсбук профил.

„Не мислев дека ќе одлучат да го објават тоа официјално и отворено. Тоа објаснува многу“, коментира таа.

„Верувам дека Врховната Рада треба веднаш да реагира. Ние иницираме таков чекор. Војната треба веднаш да се прекине и под најфер услови“, напиша Тимошенко на Фејсбук.

Пред само три дена Политико објави дека администрацијата на Трамп разговарала со Јулија Тимошенко, како и со поранешниот украински претседател Петро Порошенко. Двајцата ги потврдија средбите со тимот на американскиот претседател.