Тешко бреме за Мицкоски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Христијан Мицкоски ќе има сериозен предизик по лидерството на Груевски да ја добие довербата на целото членство и на сите тела во партијата затоа што меѓу тие што не се појавија или не гласале за него во Валандово се влијателни и почитувани членови со голем стаж во паартијата, дел од пратеничката група, извршниот и централниот комитет, поранешни пратеници, градоначалници и други.



Негова прва задача ќе биде да воспостави релации и да добие поддршка од останатите потенцијални кандидати за претседател кои што се откажаа од лидерската трка, а притоа обвинија за нефер избор за претседател и го доведоа неговиот избор на граница на легитимност.

Мицкоски има добра позиција за да го обедини партиското членство но предуслов за тоа е ставање под своја контрола на пратеничката група во Собранието на РМ во која членуваат Антонио Милошоски, Илија Димовски, Никола Попоски и екс спикерот Трајко Вељановски.

Ако Мицкоски не најде начин да ја спушти топката со дел од пратениците кои што сега практично го бојкотираа неговиот избор и ако се создаде состојба во која што членовите на пратеничката група ќе треба да бираат меѓу лидерот и четворицата најистакнати пратеници, ВМРО-ДПМНЕ влегува во неизвесна иднина, во внатрешна битка од која што најголем победник ќе биде Зоран Заев и СДСМ.

Мицкоски покрај кадровските предизвици ќе има проблем да го анимира и партиското ченство кое што својата пасивност и разочараност ја покажа за време на протестите по апсењето на 36 обвинети за тероризам кога не повеќе од 150 луѓе се собраа пред кривичниот суд во Скопје. Најголем дел од нив беа роднини на уапсените.

Единствен начин за анимација на членството е јасен сигнал дека ВМРО-ДПМНЕ е во победнички налет и дека наскоро ќе може да се врати на власт. Актуелната поделба во партијата и урнатиот мост со албанските партии кој што не дава надеж ВМРО-ДПМНЕ може да најде партнер во албанскиот блок се првите две причини зошто Мицкоски се наоѓа во најтешка ситуација на било кој лидер од формирањето на партијата.

Другите две причини поради кои што Мицкоски ќе биде во тешка ситуација е прашањето за името кое што е приоритет за САД и ЕУ и за кое што се бара поддршка од новото раководство на партијата а не помалку важно е како новиот лидер ќе се обиде да ги реши судските постапки против 36 обвинети за тероризам и против членовите на партиското раководство против кои СЈО води постапки и не запира со предистражни дејствија.