Навистина не знаев дека Бојан Јовановски алијас Боки 13 има толку многу фанови во оваа наша напатена Македонија, земја за која често и ние самите, како и некои други, тврдиме дека е корумпирана до коска.
А ме изненади и фактот дека човекот осуден за аферата „Рекет“ има толку многу фанови и меѓу новинарите и медиуми, за кои некогаш верувавме, а некои од нас уште сакаат да веруваат, дека биле некаква „седма сила“ во општеството.
Со денови чекам било кој да напише, или да каже нешто во врска со де факто ослободувањето на Боки од робија во Идризово. Како што е познато, за аферата „Рекет“ Бојан Јовановски беше правосилно посуден на казна затвор од 9 години (неговата другарка Катица Јанева доби 7 години). Пред некој ден, истиот скопски Апелационен суд му ја намали казната на 5 години, што фактички значи дека Боки, кој и сега е на слобода (прекин на издржување на затворската казна), веќе нема да се врати зад решетки.
Јавно беше соопштено дека судиите ја донеле пресудата поради „нови околности“ поврзани со здравствената состојба на осуденикот, кому му бил отстранет најголем дел од желудникот и од тенкото црево. Апелациските судии соопштија дека до нив била доставена обемна медицинска документација, потпишана од различни професори и доктори, како и од различни државни болници. Таму се констатирало дека осуденикот не може да биде лекуван зад решетки поради тоа што во затворот немало терапии, лекари и услови.
И тоа е тоа. После оваа пресуда и ова образложение за јавноста, завладеа чуден молк. Сите среќни и задоволни.
Молчев и јас, признавам. Но, јас имам две лични причини за тоа:
Прво, јас сум тој што јавно ја обзнанив аферата „Рекет“. Јас сум оној „суетниот новинар“, а Боки беше „п…рот“, од славната изјава на Зоран Заев. Тој факт ме обврзуваше да посветам должно внимание и на аргументите на засегнатиот Боки, особено на неговите тврдења за здравствените проблеми. Јас таа своја професионална и човечка обврска ја исполнив и повеќе пати се бунтував поради отпорот на човекот да му се дозволи да се лекува во домашен притвор.
И второ, јас секогаш принципиелно сум се залагал за поблага казнена политика, бидејќи сум длабоко убеден дека високите казни, со елементи на некое ново „шеријатско право“, имаат само брутализирачки ефект – тие го зголемуваат, наместо да го намалат криминалитетот.
Но…
Има тука едно големо „но“.
Третиот важен принцип за кој се залагам е почитувањето на процедурите, кои обезбедуваат фер и коректен пристап на сите страни до правосудните институции и до правдата, како и правични судски одлуки.
Многу луѓе ми велат дека последната одлука на Апелацискиот суд е донесена во крајно сомнителни околности и дека таа не може да се протолкува поинаку освен со тажното сознание дека Боки 13 од сите нас, едноставно, прави – будали.
И бидејќи сите истражувачки новинари – разноразни усаиди, некои платени и со пари од локалниве амбасади, сите фалени и наградувани во нивното друштванце кое јас го сметам за една посебна секта – едноставно одбија да истражат како и зошто е донесена оваа пресуда, со која Боки 13 практично се пушта на слобода, решив јас да си ја нагрбам задачата.
Прво, ја истражив тезата дека проблемот со здравствената состојба на осуденикот Бојан Јовановски Апелациониот суд можел и морал да го реши, односно да го менаџира на поинаков начин. Високата казна од 9 години затвор имаше големо значење од аспект на генералната превенција, како порака за одвраќање на потенцијалите сторители на ваков груб криминал што го разорува ткивото на општеството. Инаку, реално, Боки 13 малку помина зад решетки. Беше на привремени отпусти, дел заради лекување, а дел заради професионални ангажмани од кои тој заработува за живот (во неговата „медицинска“ документација, се сеќавам, има и „мислење“ на еден лекар дека човекот мора да го прави тоа што го прави за да си обезбедел „егзистенција“).
Инаку, апелациските судии и самите признаваат дека имале „неколку опции“ како да постапат, но се одлучиле на опцијата – преиначување на казната. Многу сериозни правни експерти ми тврдат дека требало да се одлучат за друга опција и дека ваков случај досега немало во нашата правна историја. Ова е преседан.
Но, по многу размислување и по некои мои анализи на значењето на општествениот феномен „Боки 13“ за нашата севкупна историја, дојдов до заклучок дека правните експерти сепак не се во право, односно дека „генијалците“ во Апелациониот суд постапиле исправно определувајќи се за ваков преседан.
Па ве молам, ако не се направи преседан за Боки 13, за кого ќе се направи?
Па зар човекот кој на линија, да не речам под контрола, имаше обвинителки како Катица Јанева и Вилма Русковска, човекот кому му се клањаа сите политичари и неколку новинарски бардови, човекот кој беше јавно крунисан во присуство на државниот врв – мислам, букавлно крунисан, носеше круна на главата, мора да се сеќавате на таа сцена – па зарем таков човек заслужува нешто помалку од слобода?
Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:






