„Суштинско е прашањето: кој нормален повторно би гласал за сдсм и за дуи, без разлика на неговата етничка, верска или друга припадност? Како може македонскиот граѓанин така помирливо да трпи вакви палјачовци и криминалци секојдневно да го вандализираат и да го ограбуваат, да му ги загрозуваат опстанокот и иднината и да му го крадат минатото? Колку треба да бидеме наивни и будали, за да му поверуваме на оној полуписмен лик, кој оперира со одвај стотина зборови, а потоа и во бајковитите приказни дека тој и неговата ‘партија’ – а сосе оној Пинокио од Водно! – можат да ја извлечат земјава од ова криминално мочуриште, што самите го инсталираа? Или дека токму оваа коалиција на две неморални банди ќе нѐ однесе во ЕУ? Со истите оние старо-нови криминалци, оние бесрамни ликови подготвени за нови грабежи!?“ – вели Златко Теодосиевски, општествено-политички аналитичар и историчар на уметноста во својата колумна со наслов „За шлеперот и жабата“, која ја објави на интернет-страницата „Теодосиевски уметност“.
Покрај другото, во колумната натаму Теодосиевски пишува: Jавноста можеше конечно да се увери каква „машина“ ја влече оваа држава во бездна и какво лудило владее во таа партија! На сцената ќе стапи нивната лажноинтелектуална клиентела, која ќе нѐ убедува дека „Ковачевски гледа во иднината“, тој ни бела мачка не може да види, оти „ќе ги заврши и реформите и преговорите со ЕУ“, а тој ниту ги започнал и слични будалаштини, мислејќи дека некако ќе ја поправат катастрофалната слика што „напреднине“ слепци ја оставаат зад себе!
Фамознион политикант Филипче, кој повторно од наш џеб ветува бесплатно школување, плати до небо за лекарите и сестрите, „Цаци“ со нејзините хеликоптери, Битиќи и стоте евра за пензионерите… сдсмовскиот карван на глупоста станува целосен! „Водечката“ македонска партија е тотално неписмена не само за презимето на нејзиниот „претседател“ и за името на нивниот кандидат за изборите, кого го прекрстија во хемиски елемент, а за нив и иднината е „идинина“. Ова е сосема доволно да ја ставите на листа на чекање во наредните два-триесет години.
Следствено, кога претходно ги слуша(в)ме реакциите и чудењата на „видните“ првенци особено на сдсм, но и на дуи (малите букви се реален одраз на нивниот актуелен политички рејтинг) за резултатите од мноштвото предизборни анкети, кога ги гледавме како (демек) со неверување одвраќаат дека тоа се лаги и дезинформации на опозицијата и дека нема објективни причини зошто македонскиот граѓанин би бил незадоволен од нив, просто ве фаќа мачнина, но и бес. Не од лагите и одглумената ноншалантна надменост туку од постојаното простачко потценување на јавноста/граѓаните.
Па зарем е можно некој толку безобразно да лаже? Или се надева дека не се сеќаваме на неспособните и неуките партиски војници поставени за министри и директори, на коалициската и семејната окупација на државната администрација, на криминалниот раст на нивните плати од 78% наспроти потценувачките 5% за пензионерите, на секојдневните скандали поврзани со отворениот грабеж на државните ресурси…? И зарем навистина треба да се прашаме зошто не сакаме да ги видиме и утре сдсм и дуи со нов четиригодишен мандат?
И не само што не покажуваат никаков срам за криминалот, корупцијата и неморалот што ги воведоа како државни стандарди, туку згора и продолжуваат со минхаузеновските ветувања, исто онака како во 2016 година. Па зошто во изминативе осум години не го направија сето тоа што сега го ветуваат за во иднина? Немаа време од крадење?
Кога ќе се присетите на сите минати лаги од устите на двата нивни „премиера“, па и овој лажниов, актуелниов технички „премиер“ на дуи, на сите некомпетентни шушумиги, што заседнуваа во министерските фотелји, на онаа армија полуписмени шутраци на чело на државните институции и агенции, …, навистина ли се преиспитувате што ви пречи кај нив, што ви создава одбивност, дури гадење и од сопствената држава? Или – точно знаете?!
И не треба да се замислите подлабоко, за да ви надојдат сеќавањата за дворците што ќе ги изградеа, за кулите што ќе ги извишеа, за реформите што ќе ги направеа, за бројчаникот што ќе вртеше, за правото и правдата за сите и за медот и млекото, што ќе течеше низ улиците. Приказни за мали деца раскажуваа неуки и некомпетентни суртуци, кои сакавме да ги видиме како реформисти и демократи.
Страотно нечесно, подло, депласирано е и прашањето што некои „мудри“ глави упорно ни го поттурнуваат под нос дали, демек, сакаме да се врати „груевизмот“. Тоа прашање во целост ѝ доликува на оваа политикантска гарнитура. На тоа прашање има само еден одговор: во што беше пострашен „груевизмот“ беше пострашен од „заевизмот“ и „сељачизмот“? Кому му одговара да го поставува македонскиот граѓанин пред избор меѓу две зла? Немаме ли ние право на пристоен живот подалеку од овие криминални банди?





