Теодосиевски: Време е за нов курс и за Македонија интегрирана во Европа со својот Илинден 1903 и АСНОМ 1944!

„Говорот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им прозвучи на многумина чудно, непознато, со речник подзаборавен за ‘слободната македонска држава врз републикански, демократски и антифашистички основи’, за ‘правото на самоопределување и рамноправност меѓу народите’, за Македонија ‘спојлива со проектот за обединета Европа’. Но тоа е говор на интелектуалец, на научник, а не на лиферант на нечии конструкции и ‘вистини’. Одамна заборавивме на ваков речник, на потсетувањата на корените на државноста и демократијата кај нас, но и на моралниот кодекс, вграден во тие корени. Ние не сме направиле ништо да ја запознаеме Европа со значењето на Илинден 1903 и АСНОМ не само во македонски, туку и во европски рамки.“ – нагласува општествено-политичкиот аналитичар и историчар на уметноста Златко Теодосиевски во својата колумна со наслов „Илинден како можна метафора“, која на објави на интернет-страницата „Теодосиевски: за уметноста“.

Покрај другото, Теодосиевски пишува: Ние сѐ уште не знаеме како нѐ доживува Европа и дали воопшто има поим што, како и кога, се случувало на овие простори пред повеќе од сто години Но тоа не е само нејзина вина. Прашање е што и како сме направиле ние да ја запознаеме Европа со значењето на Илинден 1903, па и АСНОМ, но не само во македонски, туку и во европски рамки. Тоа е важно, ако веќе сме решиле да се здружуваме со неа. Многу малку, или ништо, не сме направиле во последните три-четири децении за македонската историја, култура, за популаризација на државата и, особено, во вредносниот натпревар со оваа и ваква Европа.

Токму тој Илинден 1903, но и оној АСНОМ 1944 година им ги „боцкаат“ очите на многумина во оваа и ваква Европа. Затоа што токму тој Илинден 1903 е првата република на Балканот на самиот почеток на 20-от век. АСНОМ е трн во окото на многу „големи“ европски држави, чии влади уште во 1940 година неа избегале од тие земји, оставајќи го народот на милост и немилост на нацистичките фаланги. И затоа што по онаа 1945 година Македонија, во состав на Југославија, се развиваше како современа демократска социјалистичка држава, додека во други „високоразвиени“ држави и натаму владееше фашизмот, во други маршираа хунти и театрални „демократски“ режими.

Од онаа 1991 година и некои нејзини крвави разврски, (повторно поттикнати од „старата дама“) таа Европа си зеде за право – но дадено и од нашите неуки политикантски елити – да ни држи лекции за сѐ и сешто, дури и за нешта кај нас одамна разрешени токму уште од времето на тој Илинден 1903, а по него и од АСНОМ и децениите на импозантен социјалистички развој од заостаната полуфеудална територија до современа држава.

Не ги спорам генералните димензии на европскиот демократски дух и култура, или во неа да барам виновник за нашето заостанување – дури назадување – во нормалниот чекор со другите, па и со оние соседни и други европски држави, кои до 1991 година не умееа ни да го изговорат зборот демократија. Не можеме, немаме право никого да обвинуваме за сопствените грешки, за неспособните политичари на чело на државата, на заборавените вредности на Илинден и АСНОМ, на кои божем се сеќаваа само на 2 август. Нивните ограничени капацитети, нивната неспособност и неукост ни наметнаа страотно себепотценување, коешто ја фрли в ќош целата дотогашна политичка и културна историја на Македонија. Беа подготовени дури да прифатат и дека постоиме од 1945 година, дека нашите татковци и мајки, баби и дедовци биле некаква аморфна маса, којашто ја гмечел секој според свои потреби.

Споредете ја монументалноста на идејата за Илинден и АСНОМ во „Македониумот“ во Крушево со она неугледно куќарче во Пелинце со некакви „сликарии“ на фасадата, што треба да глуми почит кон АСНОМ. Свесно или не, историски важните, пресвртните нешта како да беа потиснувани од македонската меморија, особено антифашистичката борба но и европските напредни идеали, вткаени и во идејата за првата република на Балканот. Дали тогаш сме навистина зачудени што коекакви „аналитичари“ и неуки професорчиња“ ги прогласуваат Мисирков и Делчев како Бугари, та дури и ги прогласуваат македонските историчари како фалсификатори на историските факти?

Затоа можеби на многумина говорот на претседателката Сиљановска-Давкова им прозвучи чудно, непознато, со речник подзаборавен за „слободната македонска држава врз републикански, демократски и антифашистички основи“, за „правото на самоопределување и рамноправност меѓу народите“, за Македонија „спојлива со проектот за обединета Европа“… итн. Но и за правото и особено должноста на секој граѓанин, на секоја генерација „да ја продолжи борбата и да го обновува духот на македонската република, усогласувајќи го со новите околности и новите можности“. И, се разбира, со главната поента за европеизација на државата. Но тоа е говор на интелектуалец, на научник, а не на лиферант на нечии конструкции и „вистини“. Одамна заборавивме на ваков речник, на потсетувањата на корените на државноста и демократијата кај нас, но и на моралниот кодекс, вграден во тие корени.

Доволно долго гледавме безидејна, морално дезориентирана и криминално-коруптивна држава. Време е за нов курс, за вистинско почитување на современите вредности, дури и ако се подзаборавени и во Европа. Некој (ќе) мора да ја потсети на нив. Зошто тоа да не бидеме ние? Македонија не е некаква вазалска територија на ЕУ без право на коментар/глас.