Две пријави поврзани со работата на АД ЕСМ отфрлила Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) со потпис на претседателката Татјана Димитровска, која сега е осомничена за оддавање на службена тајна, односно на еден од обвинетите во „Адитив“ од мај до декември лани повеќе пати му дала податоци. Пријавите кои ги отфрлила ДКСК се токму за овој предмет во кој меѓу обвинетите се поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, неговиот наследник Васко Стефанов, како и екс директорите на РЕК Битола, Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.
А токму првата пријава е одбиена во јуни во 2024 година, во периодот кога Димитровска, како што се товари, одавала информации. Пријавата се однесувала за набавката на адитиви за намалување на формирање на згура-троска во котли при согорување на јаглен.
Пријавата, како што се наведува во документот, била против поранешен член на Управниот одбор на АД ЕСМ, Данчо Стојановски кој е близок со Маја Јорданова, сопственичката на фирмата „Браинкоде“, која всушност му е роднина. Сега и двајцата се обвинети во „Адитив“.
Антикорупциска отфрлањето го базира на фактот дека тендерот бил во 2023 година, а Стојановски бил член на управниот одбор во периодот од 2012 до 2022 година. Поради настанатата промена на фактичката состојба, дека Стојановски не ја извршувал повеќе функцијата, ДКСК одлучила дека нема елементи за постапување по наводите во пријавата.
До адресата на ДКСК по 11 дена од првата пријава, стигнала и втора во која се посочувала сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија за истиот тендер за адитиви и за фирмата „Браинкоде“ и нејзината сопственичка Маја Јорданова, кој всушност била службеничка во пошта кога го добила бизнисот од ЕСМ.
Постапката по предметот по втората пријава запрела во декември, лани, бидејќи ДКСК утврдила дека нема елементи за натамошно постапување, бидејќи обвинителството веќе имало отворено случај.





