„ВМРО-ДПМНЕ, албанската опозициска коалиција Вреди и Движењето Знам имаат можност да ја формираат следната Влада на * Македонија. Врз основа на бројот на освоени гласови на секоја од трите партии или коалиции, оваа тројка може да формира стабилно мнозинство до 75 пратеници.“ – објави ТВ 21.
ТВ 21 пишува: За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најпосакуван партнер за совладеење е албанската опозиција Вреди. За ова на 24 април Мицкоски рече дека му се јавил на Арбен Таравари, посакувајќи му успешни парламентарни избори, со надеж дека заедно ќе ја состават идната Влада.
Понудата на Мицкоски за совладеење за Таравари значи дека и ВМРО ДПМНЕ ја сфатила тежината на албанскиот глас. Сепак, како што напиша Таравари на својот фејсбук-профил, тие се сега насочени кон тоа да работат посилно за изборите на 8 мај, за да имаат колку е можно повеќе пратеници.
„Предлогот, што дојде од Мицкоски, покажува дека и ВМРО ДПМНЕ сфатила каде се наоѓа тежината на гласот и на пратениците-Албанци. Но, нашата насоченост како коалиција и како партија е кон изборите на 8 мај, заради најголем број мандати. По изборите ќе се водиме од националниот интерес на Албанците, од итната потреба за чистење на власта од корупција и од нашата зазападна ориентација, за која нема преговори.“ – рече Арбен Таравари од Вреди.
Запрашан дали коалицијата Вреди ќе биде дел на новиот владин состав без уставните измени, лидерот на Беса Билал Касами одговори: „Ние кажавме дека Владата, во која биде коалицијата Вреди, сигурно дека ќе ја гарантира интеграцијата на земјата во Европската унија. Исто така, сигурно ќе биде многу полесно таквата Влада да ги спроведе уставните измени, без разлика дали ќе биде ВМРО ДПМНЕ во неа, или која било друга политичка партија.“
Во игра за совладеењето е и партијата на Максим Димитриевски од Движењето Знам. Искажувајќи ги условите за коалицирање, Димитриевски најави дека која партија и да им дојде на преговори, ним ќе им биде врачено писмо со национални „црвени“ линии.
„Во текот на преговорите за формирање на идното парламентарно мнозинство написмено до сите политички партии ќе им ги изнесеме нашите предлози за националните црвени линии на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, што е стремеж да се постигне не само национално единство, туку и братство и единство на сите граѓани на државата.“ – рече Максим Димитриевски од ЗНАМ.
Според резултатите, добиени на претседателските избори, ако беа овие гласови беа за парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ би освоила 53 пратеници, коалицијата Вреди 12 пратеници, а Движењето Знам 10 пратеници. Со овие бројки ВМРО-ДПМНЕ би успеала да формира стабилно владино мнозинство од вкупно 75 пратеници. За коалицијата Вреди главен услов за совладеење се уставните измени, на кои и ВМРО ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ јавно се спротивставија.





