ТВ Шења објави дека на денешното Собрание на Алијансата за Албанците на Зијадин Села „во расправата доминирале ставови и барања да се преземат радикални акции против оваа нелегитимна и антиалбанска Влада“!
Во својата информација со наслов „На Собранието на Алијансата за Албанците се побарани радикални акции против ‘антиалбанската влада“ ТВ Шења објави: Денеска заврши работата на 4-тото Собрание на Алијансата за Албанците, на кое е избрано новото претседателство и се разговараше за политичките случувања во земјава. На оваа тема се одржа долга расправа, на која членовите на партиското собрание изнесоа свои видувања за ситуацијата, настаната по парламентарните избори.
„Едногласно е утврдено дека актуелната Влада е нелегитимна, а доминираа и гласови, кои ја нарекоа антиалбанска и бараат радикални акции против оваа Влада“ – велат за ТВ Шења од Алијансата за Албанците на Зијадин Села.
На денешното Собрание на оваа партија како нејзин генерален секретар е избрана Илире Даути, а како организациски секретар Тирон Јајага.





