ТВ Алсат: Убиениот на паркингот кај „Мавровка“ во Скопје е Васил Ефтимов, управител на фирмата „Мителмонт“

Убиениот на паркингот пред ТЦ „Мавровка“ е Васил Ефтимов, управител на фирмата „Мителмонт“, дознава Алсат. Тој денеска е убиен со огнено оружје од лице, кое, според очевидци, прво го отворило багажникот од неговиот автомобил, од каде што зело пакет, а потоа пукало кон жртвата. Кога се случил инцидентот, Ефтимов бил придружуван од женско лице. По доаѓањето екипата на „Брза помош“ ја констатирала смртта. Полицијата веќе соопшти дека во врска со случајот се приведени две лица, а посочија дека се трага и по уште едно лице. Засега не се познати причините за ова убиство.



Тројца напаѓачи учествувале во оружениот инцидент кај Трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, во кој беше убиен Васил Ефтимов. Двајца од нив веќе се приведени. Според неофицијални информации од местото на убиството, напаѓачите пукале во жртвата, а потоа од неговиот автомобил одзеле повеќе предмети, меѓу кои и лаптоп-компјутер. По ова тие побегнале.

„Полицијата презеде веднаш оперативно – тактички мерки: затворање дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и преглед на повеќе возила, во кои се вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови. На подрачјето на општина Чаир е забележано патничко возило, кое се обидело да побегне. Притоа лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје. Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето натамошни мерки од слобода било лишено уште едно лице. На полицијата ѝ е познат и идентитетот на третото осомничено лице, кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање.“ – соопшти Министерството за внатрешни работи.

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во периодот, што следува, во некои делови од град Скопје ќе има зголемено полициско присуство, заради целосно расчистување на ова убиство.