„Корупцијата со години е проблем број еден во * Македонија и според домашните и меѓународните организации е присутна во пандемски размери. Уште позагрижувачки е степенот на неказнивост и корумпираните личности, кои ја злоупотребиле својата службена положба, не се казнуваат со години. Тоа предизвика недоверба кај граѓаните кон државните институции. Сепак, и покрај ваквите оценки за состојбата во борбата против корупцијата, ДУИ денеска се фали дека одиграла пионерска улога во унапредувањето на доброто владеење и во напорите против корупцијата.“ – се вели во анализата, која ја објави ТВ Алсат под наслов „ДУИ со поддршка за својата идеја за партиски ветинг – вели дека е пионер во борбата против корупцијата“.
Во анализата на телевијата натаму се наведува: Во едно од своите последни соопштенија ДУИ си припишува заслуга дека е дел од регионалото, европското и меѓународното ангажирање, како и на усвојувањето на националните стратегии за борбата против корупцијата. Но, работата се мери по тоа што ќе жнееш, а не по тоа што ќе го посееш – вели народната поговорка, која можеби најдобро го опишува институционалното и политичкото наследство, што ДУИ го остави по своето 22-годишно владеење. Иронично, во последните две години од власта, ДУИ имаше двајца високи партиски функционери ставени на црната листа на САД токму поради корупција, а тоа се Рамиз Мерко и Артан Груби, кои дури и конкретно се обвинуваат дека примиле поткуп, за да го спасат поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков.
Од ДУИ велат дека се избориле против корупцијата, донесувајќи стотици законски и подзаконски акти. Меѓутоа, во септември 2023 година пратениците од партијата на Ахмети гласаа за скандалозни измени на Кривичниот законик, кои произведоа негативен ефект од епски размери во борбата против корупцијата. Поточно, се спасија стотици функционери, вклучени во злоупотреба на службената положба. Ваквите промени беа споменати и во извештајот на американскиот Стејт департмент, што беше опишано како сериозна владина корупција. Граѓанските организации тврдат дека со овој чин владата создала широки можности за корупција.
Ова јасно го покажуваат резултатите од Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл. Во последната деценија кога ДУИ беше дел од Владата, земјава континуирано паѓа надолу, останувајќи во група со африкански и азиски земји, далеку од европските земји. Од вкупно 180 вклучени земји, * Македонија е на 88-то место. Додека, од 100 поени, кои би укажале на чистотата на државата од корупција, Македонија собрала само 40. Во многу истражувања на граѓанското општество корупцијата е една од причините, поради кои младите си заминуваат. Според спроведените истражувања, овој стремеж постојано се зголемува.
Кога ДУИ дојде на власт, младите беа 23,8 отсто од населението, додека две години пред да замине во опозиција, младите беа 17,8 отсто од населението. Според истражувањето на Реактор, 150 илјади млади луѓе ја напуштиле земјата во овој период. Според истражувањето на Вестминстер фондацијата за демократија, 83 отсто од младите ја напуштаат земјата, пред се, поради високото ниво на корупција. И покрај тоа што резултатите и бројките зборуваат сами по себе за ситуацијата, од ДУИ велат дека сега се залагаат за ново поглавје, со реформи и проверка, проследено со своето минато.





