Таткото на убиената Вања денеска ќе сведочи пред судот

Александар Ѓорчески, обвинет за помагање на групата која ја грабна неговата ќерка, се очекува да сведочи на денешното рочиште.



Таткото на убиената Вања Ѓорчевска (14) тврди дека е невин за грабнувањето на неговата ќерка, која беше свирепо убиена на 27 ноември 2023 година.

Тој ќе даде своја одбрана, а ќе го испрашуваат неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ, обвинителките, судот.

Се очекува тој да објасни што правел критичните денови кога неговата ќерка ја немало, како и да ја сузбие теоријата на Обвинителството дека дал информации кога убиеното девојче ќе излезе од дома, за да може да биде киднапирана.

Обвинението за него, дојде и по тврдење на еден инспектор кој бил вклучен во потрагата, дека Ѓорчевски се однесувал „чудно“ и дека постојано велел дека неговата ќерка е киднапирана.

Откако беа пронајдени телата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски на конференција за медиумите директно го обвините Александар Ѓорчевски дека помагал во организацијата на грабнувањето на сопствената ќерка.

Спасовски и Бубевски тогаш изјавија дека „мотивот е користољубие, при што едно од лицата во договор и со знаење, според првичните сознанија, на член на семејството, го организира и извршува и кривичното дело, со цел да се изнудат пари од мајката на детето, од што сите осомничени би имале материјална корист“.