„Потребни се три месеци, за да се добие јасна слика како секоја нова власт ќе го извози својот мандат. Дали автобусот, во кој се сите, од првиот и вториот ешалон на власта, ќе биде современ, сигурен и што е најважно побрзо да ги совладува потребните дестинации. Оти позади него во колоната сме и сите ние од државата. Ова е крупна работа особено ако се знае дека претходната власт го уништи дури и патот. Мицкоски од почетокот силно го грабна воланот и добро држи правец.“ – вели Никола Тасев во својата колумна со наслов „Петте свиоци за Мицкоски“, која ја објави весникот „Скопско ехо“.
Натаму Тасев пишува: Ногата на премиерот Мицкоски добро му стиска на „гасот“ – ретко спушта под „стотка“. Засега внимателно ги избегнува огромните дупки, иако, дури и сигнализацијата е уништена од претходната влада на СДСМ и ДУИ. А долга колона возила го следи автобусот, понекогаш барајќи поголема брзина или спореден пат. Не знам кој тип на „ГПС“ има во автобусот, ама премиерот не треба да се опушти по добриот старт. На патот има многу непријатни свиоци. Еве пет такви, на кои треба да се биде особено внимателен, оти лесно може да се излета во бездна.
Првиот свиок е направен од ‘рѓосаниот правен систем, а друштво му прави и метастазираната јавна корупција. Многу тежок свиок! Ем треба да се подзапре, за да се совлада, ем треба брзо да се помине. Ова е свиок, од која лесно може да се излета, ако среде совладување возачот е несигурен и ако се попишмани, па не „го фати“ свиокот од добар агол. Да, ќе има пискање и врескање од дел од судството и обвинителството дека им се „слошило“ од возењето, ама интерес на сите е правниот систем да ни функционира беспрекорно.
Вториот свиок е долг и со неколку остри завои. Ако се совлада како што треба, потоа ќе се вози по мирен автопат, кој води кон економска стабилност на Македонија. Овој свиок власта почна да го совладува со градење нови патишта. Добар старт, но малку е – уште повеќе треба да се гради, а и многу од сегашните патишта да се поправат. Многу се важни решавањето на економската криза и инфраструктурното поврзување на Македонија во сите соседни правци, но и далечните дестинации преку скопскиот и охридскиот аеродром.
„Унгарскиот“ кредит и тоа како ќе се почувствува во македонскатата економија е свиок, на кој може да излета Мицкоски, ако дозволи овие пари да завршат во сомнителни проекти. За време на минатата власт дури и магариња тренираа – сега е време за проекти, кои ќе донесат реален развој за државата. Земјоделието да се крене на повисоко рамниште, контрола на инфлацијата, разгаленоста на некои трговци, совладувањето на институционалната корупција – ова се, исто така, дел од острите свиоци, на кои мора главиот возач цело време да внимава. Оти тие се појавуваат и таму каде што нема предупредувачки знаци.
Третиот свиок е оној, што води кон евроинтеграциите. Ептен непредвидлив! Таман си помислил дека си ја поминал, „градителите“ додаваат нов свиок, а од двете страни бездни. Премиерот за овие девет месеци не дозволи автобусот да се залета, ама што е многу важно и не застана. Тој свиок така и треба да се помине! Внимателноста треба да е и поради можни ненадејни одрони на патот, оти некои странци не сакаат возачи, што не возат според знаците поставени од нив, а може и (како ќе одминува времето) и некој во автобусот да почне да бара опасно возење, за да се стасало побргу пред вратата на ЕУ. Добро е што возачот на автобусот покажа дека има пријатели, кои се влијателни во светот и кои можат да поставуваат нови знаци на патот кон евроинтеграциите.
И најважно, долгата колона позади автобусот покажува дека сегашното возење е исправно. Сепак, треба отворање „четири очи“ и во мислите да се има дека сепак интересот на Македонија е најважен! Сериозен свиок е и оној демографскиот. Стапката на нови раѓања опаѓа, а има и многу иселувања од државата. Совладувањето на оваа пречка зависи од сите нас во колоната, ама возачот треба настојчиво да наоѓа дополнителни сили и проекти, за да се совлада овој свиок.
Последниот свиок всушност и не е свиок. Главниот возач треба често да погледнува на внатрешниот ретровизор – да види што прават патниците внатре. По девет месеци време е да се оцени колкумина од повисоките ешалони на власта треба да се симнат од автобусот. Без нив Мицкоски полесно ќе ги совладува свиоците, а тоа најважно за Македонија.





