Таравари (ја) бара „Беса“ против Невзат Бејта

Кандидатот на Алијансата за Албанците за градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, најави дека од денес почнува разговори со претставници на политички партии со цел да го победи противкандидатот на ДУИ, Невзат Бејта, во вториот изборен круг.



Арбен Таравари, актуелен министер за здравство, го „замрзна“ министерското место за време на кампањата за локаните избори и најави дека ќе се повлече од политиката доколку не успее да стане „градски татко“ на Гостивар.

Кандидатот на Беса во Гостивар кој испадна од трка по првиот круг, упатил јавна покана симпатизерита на оваа партија во вториот круг да гласаат за Таравари, јави „ТВ21“.

„Во вториот круг многумина се против Невзат Бејта. Имаме голем потенцијал за соработка. Задутре ќе се сретнеме со Беса и со сите други политички субјекти“, изјавил Таравари.

Што се однесува до можната соработка меѓу Беса и „Алијансата за Албанците“, во моментот нема потврда дека тоа ќе се случи.

Од Беса биле подготвени за соработка, со цел, како што велат, да ја симнат ДУИ од власт. Се очекува ДУИ да добие поддршка од СДСМ и во вториот круг.

„Мислам дека на 29 октомври, т.е. убеден сум дека на ист начин едногласно ќе го поддржат нашиот кандидат, а нашите кандидати имаат личен, фамилијарен и професионален кредибилитет, но и конкретен проблем со конкретно решение за сите предизвици со кои се соочуваат граѓаните“, вели Арбер Адеми од ДУИ, како што пренесе „Макфакс.

ДУИ се пласираше во девет општини во вториот круг на изборите, Беса во седум, Алијансата за Албанците во четири, а ДПА во една општина.