До крајот на неделата треба да се знае дали Алијанса за Албанците на Арбен Таравари ќе останe во Владата по формалното напуштање на ВРЕДИ.
Клучните личности во Коалицијата бараат исклучување на Таравари од извршната власт, со образложение дека е неприфатливо да биде дел од власта, а истовремено да крои планови за соработка со опозициската ДУИ.
Според информации на Алсат, премиерот Христијан Мицкоски започнал средби со албанските партнери во владата по настаните во ВРЕДИ.
Таравари во неколку јавни настапи изјави дека има канали за комуникација меѓу АА и ДУИ.
Алсатобјави дека комуникацијата на АА со ДУИ не била само меѓу партиските претставници кои имаат пријателства и познанства, туку дека таа достигнала ниво на лидери. Таравари и Ахмети имале телефонски разговор, кој подоцна го признаа и двајцата лидери, едногласно потенцирајќи дека тоа бил само краток телефонски разговор и ништо повеќе.
Во врска со комуникацијата Таравари-Ахмети, претседателот на другиот дел на АА, Зијадин Села, откри дека имало дури и средби лице в лице. Села рече дека бил информиран од самиот Ахмети за 2-3 средби што ги имал со Таравари.






