Гласиштата за идна соработка на Арбен Таравари со Али Ахмети ги подгреа денешното ракување на лидерите на владината Алијанса за Албанците и опозициската Демократска унија за интеграција во Слупчане, кадешто присуствуваа на одбележувањето на годишнината од прогласувањето на „слободната зона Карадак“ во 2001 година.
Таравари објави на Фејсбук за настанот во Слупчане, заедно со галерија од фотографии, но во ниту една од нив го нема ракувањето со Ахмети.
„Бев во Слупчане, каде што, како денес и пред 24 години, дојде слободата и еманципацијата на оваа земја.
Храбрата ОВК со крв и жртви ја подготви масата на која подоцна ќе биде потпишан Охридскиот договор.
Вечна слава на мачениците, на оние кои се највозвишеното сведоштво за љубовта кон Животот и Мирот!“, напиша министерот за здравство.
Средбата и ракувањето доаѓаат во клучен момент за Таравари, кој го напушти „Вреди“ и од кој и неговите досегашни соработници од коалицијата бараат да се повлече од Владата поради „ишаретите“ меѓу него и Ахмети.
Лидерот на ДУИ денеска изјави дека не ја исклучува соработката со Таравари, под услов да ја напушти Владата.






