Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, очекува поддршка и од македонските гласачи на претстојните претседателски избори, на кои тој ќе биде кандидат на здружената опозиција од албанскиот опозициски блок „Вреди“.
„Не само од македонскиот електорат. Среќен сум што за потписите што ги собравме пред 5-6 дена ми се јавија и многу Бошњаци, Македонци, Роми, Турци, Власи, кои инсистираа по секоја цена, иако ви кажав дека се собрани близу 10.000 потписи. Некои дури отишле на нотар и сами си го платиле тоа, само за да дадат поддршка. Се разбира, нашата тенденција и цел ќе биде албанскиот глас, но секако ќе се обидеме да ги анимираме и да добиеме поддршка и од другите етнички групи. Несомнено, очекувам квантум на гласови и од другите етнички групи. Значи, тука е единствената логика да се оди во втор круг, инаку Албанците се тука близу 30 проценти, но Македонците се 54 отсто, значи блиску до 15 отсто се другите етникуми. Мислам дека може да има позитивна кампања и да се добие одредена поддршка и тоа ви дава простор да размислувате за одење во вториот круг“, изјави Таравари за весникот „Љајм“.






