Ова го изјави министерот за здравство и лидер на Алијансата на Албанците Арбен Таравари, според кој, односите помеѓу партнерите во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и во која учествуваат ВРЕДИ и ЗНАМ, се коректни.



„Оваа Влада ќе продолжи да функционира“ изјави Таравари од Њујорк каде учествува на Генералното собрание на ОН.

Како што јави известувачот на МИА од Њујорк, Таравари ова го кажа по вчерашните изјави на Халил Снопче дека Вреди ќе излезе од владината коалиција ако се изгласа законот за бранители и на премиерот Христијан Мицкоски кој му посака среќа на пратеникот доколку се случи тоа.

„Односите помеѓу ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ можам да кажам дека се доста коректни (…)ние се обидувавме да бидеме што посинхрони овие сто дена, меѓутоа некаде имало недоразбирања, некаде имало испади кои не биле координирани како што треба, затоа треба време за да се синхронизираме тотално и комплетно и тоа да се види и кај граѓаните.

Меѓутоа, генерално можам да кажам дека очекувањата на граѓаните беа огромни од ова мнозинство, рече министерот за здравство.

Не можат, посочи Таравари, да се остварат сите предизборни ветувања само за сто дена. Има постојани дефокусирања од она што е испорачувано во овие сто дена посебно во албанскиот блок.

Таравари смета дека реакцијата на Снопче за законот за бранителите била, како што рече, како што треба, но се надева дека во владиното мнозинство ќе има координација и дека ќе се надмине „овој ситен проблем“.