„Ако треба да се оди на предвремени избори за градоначалник, нема да ја прифатам министерската функција. Не би било праведно кон граѓаните да одат на избори повторно.“ – одговори гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, откако беше запрашан што го спречува да влезе во идниот владин кабинет. Ова го објави ТВ 21.
ТВ 21 пишува: „Дилемата е: дали вреди да се оди на избори двапати во текот на една година? Не е чесно 35 илјади луѓе во Гостивар да излезат да гласаат во ноември оваа година и во октомври следната година. Ако остане сегашниот Закон за локална самоуправа, јас ќе останам тука. Единствената причина што ме колеба е таа дека не би сакал граѓаните да ги малтретираме за неполна година двапати да излезат да гласаа.“ – изјави Таравари по средбата со австрискиот амбасадор Мартин Памер.
Таравари појасни дека сè уште нема донесено конечна одлука и оти тоа би го кажал во понеделник. Ако стане министер, напомена дека би требало да го замени еден од советниците во општината, но смета дека претседавачот на Советот Валбон Лимани е добро решение да продолжи.





