Таравари на два ума: Со ВРЕДИ или АА самостојно да оди на локални избори

Собранието на крилото на Алијансата за Албанците предводено од Арбен Таравари го задолжи партиското раководство да ги направи сите можни напори за заеднички настап на претстојните локални избори со другите партии од коалицијата ВРЕДИ, јави ТВ Алсат.



Лидерот Таравари соопшти дека веќе следната недела ќе се организираат средби со ограноците за да ги слушне нивното мислење.

“На крај гласачите се тие што ценат и треба да бидат мотивирани да излезат и да гласаат за опцијата која Алијансата за Албанците ќе ја избере“, рече Таравари.

Како што објави ТВ Алсат, на собранието била разгледана последната понуда која партијата ја добила од другите лидери на ВРЕДИ,  за претстојните локални изборикрилото на Арбен Таравари да добие 35% од местата на листите за советници, како и можност да кандидира градоначалник во пет општини.

„Ни ја дадоа оваа понуда преку пратениците. Не знам како се поделени меѓу нив. Да видиме каква е поделбата, што добива Беса, што добива Демократско движење, што добива Алтернатива. Ова е многу важно за нас. Ние, исто така, ќе имаме две понуди… Понудите ги подготвува посебна група која ќе биде назначена од партијата. Ќе имаме две опции. Едната кон ВРЕДИ, другата ако не успееме, со сопствена листа“, изјави Таравари.

Како што дознава Алсат, освен за советниците, лидерите на ВРЕДИ дале предлог и за распределба на кандидатските места за градоначалници.

Демократско движење, Беса, Алтернатива би добиле кандидат во три општини и потенцијално четврта, додека АА на Таравари би добила кандидат во четири општини и можност за кандидат во уште една оптина плус.