Се чека да се назначи директорот на Фондот за здравствено осигурување и за околу две недели да има по 15 години нова позитивна листа на лекови, ги информираше денеска новинарите министерот за здравство Арбен Таравари.
– Јас мислам дека секоја година треба да се обновува таа листа. Меѓутоа, ќе излеземе и со нов закон за лекови со којшто ќе обезбедиме да има квалитетни лекови низ државата, меѓутоа истовремено ќе побараме и рационално користење и препишување на лековите. Ни треба период со експертите можеби и со претставници од сите политички партии поголеми здравствени комисии да седнеме, да направиме еден закон којшто ќе биде одржлив и прифатлив за сите во периодот за следните 10 години – соопшти Таравари.
Министерот изјави дека до петок ќе каже кој ќе биде нов директор на ГОБ „8 Септември“. Прашан за доктор Танер Хасан, Таравари рече дека тој најверојатно ќе биде директор на Клиниката за ендокринологија, но, оти тоа сè уште не е дефинитивно.





