Македонија заслужува јасни гаранции од Брисел и од Вашингтон дека уставните измени ќе бидат последниот услов.
Многу е легитимно тоа што премиерот Христијан Мицкоски бара гаранции, рече министерот за здравство Арбен Таравари во синоќешното гостување на Вин-Вин на ТВ Телма.
„Многу се јасни пораките од Фон дер Лајен, кои мислам дека порано требаше да дојдат. Друго е кога ќе дојде првиот човек на ЕК. Пораката беше јасна, ние сме добредојдени да ги започнеме преговорите, но условот е тој да ги направиме измените во Уставот. Многу легитимно од премиерот (Христијан Мицкоски) кој бара гаранции. Не се даваат гаранции од 2018 и 2019 година, потребни ни се посериозни гаранции“, изјави Таравари, пренесе Плусинфо.
Тој смета дека по изборите овој викенд во Бугарија и изборите на 5 ноември во САД ќе се изнајде решение за уставните измени.
„ Ајде да бидеме искрени до крај, воопшто проблемот не е дали Бугарите ќе бидат во Уставот, тоа не е проблем. Ние бевме за Египќаните и Хрватите да бидат во преамбулата.
Тоа не е пречката, пречката е историскиот проблем помеѓу Бугарија и Македонија. И тука е целата работа која не оди како што треба и оневозможува преговорите да се случат“, вели Таравари.
„Јас мислам дека по изборите во Бугарија и изборите во САД, ќе се изнајде решение кое ќе биде излез на Македонија од овој ќорсокак. Јас мислам дека од декември ќе ги започнеме уставните измени“, потенцираше Таравари.






