Министерот за здравство Арбен Таравари, на прес-конференција, истакна дека Министерството за здравство, заедно со Владата и со синдикатите, активно работело на унапредување на статусот на здравствените работници и дека најновите промени не се случиле преку ноќ. Со последното линеарно зголемување на платите за 2.500 денари, за сите вработени во јавниот сектор е направен значаен чекор напред, посочи Таравари.
Со ова, вкупното зголемување на платите за здравствените работници достигнува 4.815 денари нето, додека, пак, за медицинските сестри изнесува 6.200 денари. Таравари посочи дека овие бројки не се само статистика, туку ја претставуваат сигурноста на здравствениот систем, а притоа им изрази благодарност на здравствените работници за макотрпната работа.
Просечната плата во здравството изнесува 50.200 денари, што, според него, е сигнал дека државата сериозно вложува во човечкиот капитал. Со октомвриското зголемување од 10,49% и со тековните мерки, акумулираниот пораст на платите изнесува 17,18%.
– Со оглед дека годишната инфлација е 3,5%, реалниот раст на платите за 2024/2025 година изнесува 9,4%, што е најголем раст во последната деценија. За споредба, од 2021 до 2023 година, реалниот раст бил 3,8% – посочи Таравари.
Министерот додаде дека ова е само почеток и најави натамошно унапредување на работните односи, услови и образование, со цел подобрување на квалитетот и зајакнување на довербата во здравствениот систем.
Во однос на најавеното вработување на 1.200 здравствени работници, Таравари рече дека постапката е веќе во тек.
– Во понеделник ќе разговараме со премиерот за 200 специјализанти што се во постапка на вработување. За 2 недели таа бројка ќе порасне на 300. Некои болници веќе објавија огласи, но некои доцнат со испраќање на документацијата до јавната администрација – изјави Таравари.
Во однос на недостигот на инсулин во некои делови од земјата, тој потврди дека има доцнење на испораките на некои локации, но увери дека инсулин има на национално ниво и дека процедурата за набавка е во тек.
На прашање каде ќе бидат сместени пациентите на кои им е потребна долготрајна рехабилитација, Таравари рече дека станува збор на два центра – еден во ГОБ „8 Септември“ (поранешниот ковид-центар) и друг во Институтот за рехабилитација и физикална медицина во „Козле“.
– Да се надеваме дека ќе има помалку пациенти со потреба од долготрајна рехабилитација. Веќе имаме понуди од 2 држави за тешки случаи, и една од можностите е тие пациенти да бидат пратени на лекување во странство без финансиски трошоци за Фондот или за Министерството – изјави Таравари.
Во врска со забелешките дека на пациенти им се нуди заменска терапија наместо наменска, тој рече дека наменската терапија порано била единствена, а сега се нуди привремено заменска за мал процент на пациенти, но дека набргу ќе има наменска терапија на територијата на цела земја.
Тој потенцираше дека постои редовна комуникација со ендокринолозите кои ги советуваат пациентите.





