По примопредавањето на функцијата, новиот министер за здравство, Армбен Таравари, вчера ги посети хируршките клиники во Клиничкиот центар, по што изјави дека деновиве ќе добие извештај од направените испитувања и се надева дека до петок ќе донесе дефинитивна одлука како ќе се реши проблемот со компресорите – дали ќе може да се поправи постоечкиот или ќе се инсталира нов систем.
„Ми требаат неколку дена за да донесам дефинитивна одлука – дали ќе одиме на брзо решавање на проблемот со отворање на нова набавка и веднаш инсталирање на комплетно нов систем или ќе може ова да се поправи“, рече Таравари.
Прашан како сега се одвива оперативниот програм и дали е зголемен бројот на операции, Таравари одговори дека бројот на операции е редуциран, но потенцираше дека не треба да се избрзува со изнаоѓање на решение и дека треба внимателно да се работи бидејќи станува збор за човечки животи.
На прашањето дали доколку се оди со воведување на нов систем, истиот ќе биде готов до крајот на декември како што беше најавено, Таравари рече дека според стручните служби, за нов систем се потребни минимум шест месеци, но дека најпрвин ќе извршат увид дали може постоечкиот систем да се поправи.






