Коалицијата „Вреди“ инсистира дека Македонија треба да ги започне преговорите со Европската Унија бидејќи земјата нема друга алтернатива освен членство во Унијата, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Таравари, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Клиничката болница во Тетово, рече дека ваквата надеж ја темели на заедничкиот став во Владата во врска со ова прашање.
Во тој контекст, министерот рече дека „Вреди“ ќе биде забрзувач Македонија што поскоро да ги продолжи преговорите со ЕУ.
„Кажавме рок од шест месеци, дека ’Вреди’ ќе направи сè да започнат преговорите. Добро е што Албанија започна, меѓутоа лошо е што ние се разделивме. Од друга страна, треба и да разбереме дека и од бугарска страна нема влада, очекуваме таму да има избори. Јас се надевам дека ние ќе изнајдеме решение и ’Вреди’ ќе биде акцелератор и тригер за да што поскоро Македонија да почне со преговорите со ЕУ. Јас, колку што знам, и премиерот е за започнување што побргу, и тој е за ЕУ како и сите што сме во Владата“,изјави Таравари, пренесува МИА.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера, пак, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата по повод 100 дена влада, на темата околу евроинтеграциите го повтори својот став дека е подготвен да разговара, но оти нема да прифаќа диктати во врска со уставните измени кои се главна пречка што земјава не го продолжува преговорите за членство во ЕУ заедно со Албанија.
„Ние сме тие коишто апсолутно имаат аргументи, а тие се тие коишто немаат аргументи. Не е аргумент ‘тие се таму, вие сте надвор, ако сакате мора да прифатите што сакаат они’. Тоа е диктат. Јас диктати не прифаќам во животот. И тука нема цена“, рече Мицкоски.





