Министерот за здравство и лидер на Алијансата за Албанците Арбен Таравари изјави дека „повеќе не гледа простор за соработка со коалицијата Вреди“ и оти „не ја исклучува можноста за предизборна соработка со Демократската унија за интеграција (ДУИ) во вториот круг од локалните избори“.
Во гостување во емисијата „Стадион“ минатата недела, Таравари посочи дека веќе имал комуникација со лидерот на ДУИ Али Ахмети. „Со Ахмети не сум се сретнал, но сме се слушнале по телефон. Начелно мислам дека треба да одиме сами, но не ја исклучувам можноста во вториот круг на локалните избори некаде со ДУИ да се поддржуваме.“ – напомна Таравари.
Но, лидерот на крилото во АА Зијадин Села се огласи со тврдење дека „Таравари немал само телефонски разговор со Ахмети, туку и веќе неколку директни средби“, лице в лице, што ја отвора дилемата: дали можеби Таравари веќе преминал од фазата „видување“ во договарања за натамошна политичка соработка со Али Ахмети не само за претстојните локални избори, туку и како албански блок во опозицијата?
Лидерот на Демократското движење Изет Меџити, од коалицијата Вреди, јавно побара Таравари и неговата партија Алијанса за Албанците да ја напуштат Владата. „Ние не сме родени во владата. Ако сметаат дека треба да бидеме во владата, ќе продолжиме. Ако не – ќе одиме во опозиција. Генерално, ние сме заинтересирани да продолжиме во владата, но тоа зависи од премиерот.“ – одговори се уште актуелниот министер за здравство и лидер на АА Арбен Таравари на барањето на Меџити за да ја напушти Владата на Република Македонија, штом има политичка соработка со Ахмети и ДУИ и тоа веќе неколку месеци.






