„Кога по две децении власт ДУИ се најдоа во опозиција, никако да се помират дека не се повеќе власт, па го повикаа поранешниот автор на Охридскиот договор да им изготви модалитети за идно преуредување на државата во согласност со тој договор. Но, една клучна работа во тој договор во почеток ги отстранува сите обиди на интегративците да ја разнебитат државата; во првите две точки од основните принципи на договорот стои: Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања.“ – вели новинарот Сашо Таневски во својата колумна со наслов „Ни белгиски ни ирски, туку македонски модел за сите “, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Натаму, покрај другото, Таневски пишува: Само со овие два принципа во Охридскиот договор паѓаат во вода и белгискиот и моделот за Северна Ирска, кои, наводно, им ги понудил американскиот експерт. Некој ќе си го наполни џебот многу, продавајќи ефтини приказни за некакви функционални модели, кои ако биле добри, денес Белгија ќе имаше влада, а Северна Ирска некаков нормален државен статус, без состојба на замрзнат судир. И сѐ да се ставело во устав, небаре Уставот наш е арабаџиски тефтер.
Но тие времиња поминаа, Охридскиот договор со сите мани и недостатоци, гарантира унитарна Македонија и секој што ќе се дрзне да го преправа овој договор ја турка земјата кон нестабилност и судири. Во случајот, тоа го прави ДУИ, зашто предизвикувајќи нестабилност, очекува повторно како некаков чинител на сила да се врати на власт и од таа позиција да го продолжи процесот за разградување на државата и за нејзино целосно демонтирање по етничка основа.
Не ни се потребни никакви странски модели, си имаме прекрасен македонски модел, кој покажа и низ историјата дека сите народи на овие простори со векови живееле сложно и без кантони, и без административни единици, и без други формати на поделби и ограничувања, се разбирале на едноставен македонски јазик и функционирале како едно. Сега некому не му одговара силна и сплотена Македонија, без етнички поделби и разлики, туку некој намерно сака да наметне бинационалност по сите основи.





