Тажна слика: Го гушкаа ГТЦ за спас од „лоша реконструкција“ па го оставија да се распаѓа

Симболот на Скопје, ГТЦ го нема веќе подолго време својот сјај и симболика. Беше направен пред 51 година и долго претставуваше архитектонска и комерцијална гордост на Скопје, пренесе „СкопскоЕхо“. Сега се е во сивило и тоа не може да го сменат ниту поставените продажни осмомартовски тезги, кои внесоа одредена живост во приземниот дел. Доволно е само искачување на кат или два погоре за да се видат празните дуќани, оштетените тенди, плочки, плафони… и секој да се увери дека ГТЦ веќе не е она што беше и дека е прашање каква иднина ќе има.



А претходните власти имаа намера да го реновираат. Но, пред девет години имаше граѓанска иницијатива (помогната од тогашната опозиција од СДСМ) под мотото „Го сакам ГТЦ“ која се спротивставуваше на менувањето на неговиот надворешен изглед, на правањето на барок – фасада, на затворањето со цел внатре да биде потопло за граѓаните за да не ја загуби битката со напливот на новонаправените шопинг – молови. Тогашната политичка опозиција, сегашната централна власт, ги поддржуваше граѓанските протести, „гушкањето на ГТЦ“, ветуваше реконструкции, ново содржини, враќањето на сјајот на ГТЦ… И се сопре со обидот ГТЦ да се реновира. Но кога СДСМ дојде на власт не дојде до никакво враќање на сјајот. Напротив.

  • ГТЦ бил симбол со децении, но сега е во многу лоша состојба. Повеќе од половина е нефункционален, надлежните не беа во чекор со времето и состојбите, само алчноста ги водеше. Со домаќински одлуки може да биде повторно на врвот. Мислам дека Управниот одбор би требало да го бираат граѓаните, ни вели Киро Крстески.

Во запустеноста и нефункционалноста целиот објект брзо се уверивме. Пајажини по ѕидовите и плафоните, изникнато растение, детско игралиште кое пропаѓа е прво нешто коешто го забележавме кога влеговме во ГТЦ од аголот кај „Ирскиот паб“. На горниот, први, кат веќе имаше и редица празни дуќани. Отпадоци, извлечени кабли, скршени плафони… можеа да се видат во внатрешноста на дуќаните. „Се издава“, „Се продава дуќан“… се редеа налепени хартии на празните дуќани. На еден од нив забележавме и објави на сопствениците на дуќаните кои се жалеа на големите кирии, на неодржувањето…

Лоша глетка со празни дуќани, со искинати тенди на овој кат затекнавме и малку подалеку, на аголот кој гледа кон Триумфална порта, а каде некогаш беше познат угостителски објект. Тука во близина уште стојат остатоци од искршениот ѕид каде требаше да биде изграден лифт, но кој не се направи.

  • ГТЦ во моментов личи на повеќечлено семејство без домаќин и за секое недомакинско работење следува казна. Очигледно е дека надлежните во изминативе 7 години воопшто не му обрнуваа внимание. Потребно е секојдневно одржување, не мислам на хигиената само, ни вели Билјана Антиќ.

Кат погоре беше уште попусто. Со две – три издадени продавници, се чини, немаше ни причина да доаѓаат луѓето. Тука просториите најмногу се издадени на некои од државните институции. Пред влезната врата на државната Агенција за промоција и поддршка на туризмот беше ризично да се помине поради плафонска алуминујумска лајсна која висеше надолу и може во око да ти се пикне. Кој знае каков впечаток ова го остава пред странските партнери кои доаѓаат во Агенцијата чија задача е да привлече странски туристи и во Скопје… На една од средишните огради се одмораше мачка, која, заедно со кучињата на приземниот дел покажува како ГТЦ станал засолниште и за бездомните животни кои во него наоѓаат храна…

  • Како граѓанин и активист направив се во своја моќ, да помогнам во зачувување на ГТЦ. Ми стана јасно дека и дуќаните, купени од приватници биле купени со некаков интерес и од истиот толку. Ниту ги интересирало дека тоа е обележје на градов, ниту дека е некакво културно наследство ниту дека е место кое ги има најубавите спомени на Скопје. Оттука мислам дека сите протести, гушкања и кампањи, беа само кочница, да се зачува нешто, а тоа е културата на овој народ и сето тоа во нечиј интерес, ни вели граѓанинот Гога Поп Георгиевски.