ТАВ: Од 3 мај од Скопје директно за Барселона и Лион

 

Авионските летови ќе бидат извршувани од Виз ер со финансиска помош од Владата, потврдија денес на прес-конференција ТАВ Македонија и Виз Ер.



На релацијата Барселона – Скопје ќе има авионски линии двапати седмично, во вторник и сабота, а до Лион трипати, во вторник, четврток и сабота.

Првиот лет од Скопје за Барселона ќе се реализира в сабота во 18:50 часот, а двајца патници ќе добијат бесплатни карти за авион преку избор на социјалните мрежи.

“По тригодишна пауза пак ги поврзуваме Скопје и Барселона по воздушен пат. Враќањето на оваа линија е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на нашите партнери Владата и Визер”, изјави денес на прес конференција Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Тој смета дека оваа авиолинија ќе биде уште попопуларна од пред три години со голем број патници.

Меѓународниот аеродром Скопје првпат се поврзува со Лион. Како што рече Курт, тој е посебен град кој има многу да понуди, под заштита на УНЕСКО и роден град на кинематографијата со атрактивна гастрономска понуда.

Курт објави дека планирани се и дестинациите на шпанското и италијанското крајбрежје, враќање на авионската линија кон Ларнака во Кипар, како и воведување директни линии кон Прага и Мадрид.

Со финансиска поддршка од Владата, кон крајот на март требаше да започне и летот Скопје – Дубаи со Флајдубаи, но е одложен за наесен.

Според раководството на ТАВ, олеснувањето на визниот режим што го најави Владата ќе донесе многу патници на најавената линија.