Сценаристот Кокаланов не добил ни денар од Министерство за култура

Еден од најзафатените македонски сценаристи Сашо Кокаланов демантира дека добил пари од буџетот на Министерство за култура.



„Си го гледам името по портали, па да ги информирам сите загрижени дека не сум добил никакви пари од Министерство за култура. Никогаш, а ете се погоди така да не добијам ни оваа година. Имав аплицирано со книга драми, но откако се согласив да бидам во комисијата за издавачка дејсност, ја повлеков пријавата поради судир на интереси“, вели Кокаланов во реакцијата на информациите дека бил член на комисија во Министерството и во исто време добил финансиски средства.

„Што се однесува до проектот на Филип Херин за театарска претстава, каде што фигурира моето име, точно е дека се согласив да направам драматизација на романот на Ѕвездан Георгиевски кога конкурираше, тогаш немав поим дека ќе бидам во Комисија за издаваштво (прво се конкурира, па се прават комисии, за тие што не знаат). Парите ги добила продукцијата, не јас. Продукцијата на Филип Херин од Скопје секако ќе треба да ангажира друг драматург за проектот.
Така што не сум добил ниту ќе добијам пари на овој конкурс и книгата ќе треба пак да си ја објавам со мои пари“, вели Кокаланов.

Тој досега објавил пет романи за издавачките куќи „Култура“ и „Или или“ и никогаш не добил ниту денар финансиска помош од министерството, сите ги објавил со свои пари.

Кокаланов е автор и на театарската претстава „Крвта не е вода“, која има повеќе од 30 изведби во Драмски театар, но и за неа никогаш не добил ниту денар од државата.