„Една балканска шега најдобро го доловува начинот на размислување за луѓето од Западен Балкан кои сметаат дека премногу долго чекаат за членство во Унијата: разликата меѓу песимистите и оптимистите е дека оптимистите веруваат дека Турција ќе се приклучи за време на албанското претседателство со ЕУ, додека песимистите веруваат Албанија ќе се приклучи за време на турското претседателство со ЕУ.
Значи: никогаш“, вели Иван Крастев, претседател на Центарот за либерални стратегии, во анализа за лондонски „Гардијан“.
Капацитетот на ЕУ да размислува и да дејствува како геополитички играч во Западен Балкан е сериозно ставен на тест, откако овој месец, ЕУ ја претстави својата нова стратегија за Западен Балкан, со цел да ги охрабри реформите во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Албанија, за можно членство.
Еден охрабрувачки развој е неодамнешната ратификација на Договорот за пријателство помеѓу Бугарија и Македонија, две земји чии односи одамна беа обременети, главно поради малцинските прашања. Со постигнувањето на овој пробив, тие сигнализираа дека дојде време да се бараат решенија за некои проблеми во регионот, смета Крастев.
Европските креатори на политиката треба да бидат свесни дека ако долготрајниот спор меѓу Грција и Македонија не биде решен пред следниот самит на ЕУ за Западен Балкан во мај, тогаш тоа ќе резултира со двоен пораз: амбициите на Македонија ќе паднат но и напорите на Брисел да биде сериозно сфатен во регионот ќе пропаднат.
„За да успее во својата амбиција да го трансформира регионот, ЕУ мора да биде свесна за значајните геополитички промени што се случија вели Крастев и потсетува на заинтересираноста на Кина, Русија и на Турција за Балканот.
Кина годинава ќе стане прв странски инвеститор во Србија. Плановите за изградба на брза железница меѓу грчкото пристаниште Пиреја и Будимпешта, преку Белград, се од огромна вредност за Кина, во рамките на трговската рута меѓу Азија и Европа…“
„Брисел не треба да има шпион во Кремљ за да знае дека Москва ќе стори сé што може за да ја спречи Македонија да се приклучи на НАТО – не поради нејзиното стратешко значење, туку поради нејзината симболична вредност.
Балканскиот регион е местото каде што Русија може да работи за дестабилизација на ЕУ со многу ниски политички трошоци за себе и со мал ризик за конфронтација со САД. Значи, европската дипломатија треба да ја убеди Москва дека ескалацијата на тензиите нема да биде во најдобар интерес.
Потоа, тука е Турција, земја чии односи со ЕУ стојат се на историско најниско ниво. Сé уште не е јасно како претседателот, Реџеп Тајип Ердоган, ќе ги игра своите карти на западен Балкан. Додека Анкара се обидува да го наметне своето влијание меѓу муслиманските заедници на Балканот, Москва го користи своето влијание врз православните христијани. Може ли Русија и Турција да ги координираат своите политики, исто како што се обидоа да направат во Сирија?
Ако ЕУ бавно се разбуди на овие нови геополитички реалности, нејзината стратегија за Западен Балкан ќе заврши со пораз., смета Иван Крастев.





