Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје денеска, по предлог на ОЈО ГОКК, определи мерки за претпазливост за Иџет Мемети, второосомничен во истрагата поврзана со примање награда за противзаконито влијание во која е вклучен и врховниот судија, Наке Георгиев на кој претходно му беше определен 30 дневен притвор.



Согласно одлуката на Кривичен, Мемети има обврска повремено да се јавува во судот, одземена му е патната и друга исправа за напуштање на државната граница и има забрана за издавање нова.

Осомниченииот Мемети, денеска пред Кривичен рече дека е во сечиј интерес постапката да заврши што побрзо.

„Од мој интерес, и од интерес на јавноста, е што побрзо органите да ја завршат својата работа. Ова секако како човек ме погодува, меѓутоа, не е добро да зборувам пред медиумите за работа која се води по судски пат. Ве уверувам дека многу брзо ќе заврши и ќе излезе дека ништо незаконски не сум направил“.

Мемети , во врска со релациите со врховниот судија Георгиев,  рече дека ги познава сите судии и обвинители и со нив се дружи, но, дека не разговарал за предмети.

Двајцата осомничени се дел од истрагата што ја отвори ОЈОГОКК и се сомничат за „примање награда за противзаконито влијание“.