Палестинските власти ја поздравија пресудата донесена вчера од Меѓународниот суд на правдата (МСП) „за правните последици од израелската окупација на палестинските земји од 1967 година“.



Таквата одлука е триумф на правдата, што потврдува дека израелската окупација е незаконска, се вели во соопштението.

Палестинските власти, исто така, ја повикуваат меѓународната заедница да го принуди Израел целосно и веднаш да ја прекине својата окупација и колонијален проект без услови и исклучоци.

Ги повикува Генералното собрание на ОН и Советот за безбедност да истражат дополнителни мерки за ставање крај на нелегитимното присуство на Израел на окупираните палестински територии.

Највисокиот суд на ОН, Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во петокот изјави дека израелските населби на окупираните палестински територии се нелегални и дека сите земји мора да соработуваат за да се стави крај на израелско-палестинскиот конфликт.

Ова мислење, иако не е обврзувачко, има голема тежина во меѓународното право и може да ја ослаби поддршката за Израел.

„Израелските населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим, како и режимот поврзан со нив, беа воспоставени и одржувани со кршење на меѓународното право“, рече шефот на судот Наваф Салам од Либан, читајќи ги заклучоците од 15-те член на судискиот совет.

Во мислењето се наведува и дека Израел мора да им плати репарации на Палестинците за штетата предизвикана од окупацијата.

Судот утврди дека Советот за безбедност на ОН, Генералното собрание и сите држави имаат обврска да не ја признаат окупацијата како легална и да не даваат помош или поддршка за нејзино одржување.

Израелските лидери тврдат дека териториите не се легално окупирани бидејќи се на спорно земјиште, но ОН и поголемиот дел од меѓународната заедница ги сметаат за територии окупирани од Израел.

Во февруари, повеќе од 50 земји ги доставија поднесоци до судот, а палестинските претставници побараа од Судот да утврди дека Израел мора да се повлече од сите окупирани територии и да ги отстрани нелегалните населби.