„Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот универзитет на Мерко нема да може да запишува студенти, ниту да почне со работа се додека се исполнат законските услови за акредитација на студиските програми, иако на власта во заминување ѝ се брзаше да му даде дозвола.“ – објави ТВ Алсат.
ТВ Алсат пишува: „Првата поднесена студиска програма за здравствена нега (медицинска сестра/медицински техничар) од Факултетот за здравствена нега на Меѓународниот Универзитет во Струга, на седницата на Одборот за акредитација на високото образование на 06.06.2024 година е ОДБИЕНА, односно е донесена одлука, со која не се акредитира студиската програма за медицинска сестра/медицински техничар, бидејќи не ги исполнува законските услови.“ – велат од Одборот за акредитација на високо образование.
Министерот за образование Јетон Шаќири, кој го потпишал решението за исполнетост на условите за почеток со работа на високообразовната институција, вели дека тоа го сторил, откако добил извештајот на комисијата во Мимистерствотпо за образование и наука. Оваа комисија за кратко време ги завршила сите постапки. Таа била формирана на 7 јуни, само четири дена откако Универзитетот се обратил до министерството со барање дека факултетот ги исполнува условите за почеток со работа. Комисијата била на 10 јуни на увид во Струга, а веќе на 11 јуни одлучила позитивно.
„Како и за повеќе други факултети, така и за овој Факултет за здравствени науки, каде ќе има тригодишни студиски програми за медицински сестри, а не студии за доктори, по доставениот извештај од страна на комисијата во МОН, потпишав Решение за исполнетост на условите за почеток со работа високообразовната установа. Ништо противзаконски и ништо самоволно.“ – изјави министерот за образование во образование Шаќири.
Весна Јаневска, која најверојатно ќе биде новата министерка за образование, најавува ревидирање на целиот процес на отворање приватни универзитети, што треба да запре, според неа. Таа не ја исклучува можноста дека дел од нив може и ќе треба да престанат со работа. Ревидирање на работата на целиот Универзитетот бара и Арбен Таравари, кој се споменува како најсерозен кандидат за здравство.
„Дел од нив ќе мора да ги редуцираме, односно дел од нив ќе треба да престанат со работа.“ – изјави Весна Јаневска од ВМРО ДПМНЕ.
„Не се работи само за медицински факултет, туку за повеќе факултети во рамки на тој универзитет на Мерко. Треба да се ревидира целосно универзитетот: дали легално функционира и работи. Задача повеќе ќе биде на министерството за образование да утврди дали работи и дали ги исполнува сите стандарди.“ – рече Таравари од Алијансата за Албанците.
Од МОН велат дека поради потребата од повеќе здравствени работници во државата, Владата во изминатиот период поддржала повеќе иницијативи за основање нови единици во состав на неколку високообразовни установи, кои ќе реализираат студиски програми од соодветната област.





