Струјомерите ќе се читаат секој месец

Наместо како досега на секои три месеци, отчитувањето на броилата на потрошената електрична енергија кај потрошувачите ќе биде на месечно ниво.



Ова се предвидува со измена и дополнување на правилата за снабдување со електрична енергија што ги подготвува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Со тоа се очекува граѓаните да добиваат реални, наместо паушални пресметки, откако голем број од нив во изминатиот период се пожалија дека за месеците декември, јануари или февруари платиле за нешто што не го потрошиле.

„Во Правилата за снабдување со електрична енергија, во членот 29 во ставот (5) зборовите “квартално во текот на календарската година” се заменуваат со зборовите “месечно”, пишува во предлог-измената што РКЕ ја разгледувала како точка на подготвителната седница на 20 март.

Отчитувањето ќе се врши на почетокот на секој календарски месец, а ова, како што објаснува РКЕ во образложението, се прави поради големиот број на преставки пристигнати до регулаторното тело.

Околу ова реагираше и Здружението на инженери на Македонија, кое поднесе претставка до РКЕ, со барање за измена на правилата за снабдување на електрична енергија, заради „спречување на неправедните наплати во фактурите за електрична енергија кај домаќинствата“.

Паушалното одредување на потрошувачката и внесувањето на корисниците во повисоки ценовни блокови при само ±10 проценти пречекорување на блоковите на годишно ниво може да предизвика значителни разлики во наплатата во однос на реалната потрошувачка“, реагираа од здружението.

Од РКЕ вчера најавија дека точката наскоро ќе биде усвоена, односно правилата ќе бидат официјално изменети и наскоро, можеби уште во текот на оваа недела, ќе стапат на сила. Во текот на вчерашниот ден имало и состанок со здружението, иако на оваа процедура се работело подолго време заедно со Министерството за енергетика.

Нередовното читање на струјомерите оди на штета на граѓаните, а ЕВН профитира