Стратешките закони пред пратениците. Расправата ќе се одржи без инженерите

Комисијата за економски прашања ќе одлучува од денеска за донесување на четири предлог закони за стратешките инвестициски проекти Соларен парк Стипион, Соларна електрична централа Пехчево, Еим грин тек (AIM GREEN TECH) и Митилинеос когенеративна постројка Скопје. Сите по скратена постапка. Инженерите и енергетичарите веќе подолго време бараат да учествуваат на овие собраниски расправи, но без успех. За денеска не е повикан ни министерот за економија Крешник Бектеши, единствен владин претставник кој јавно искажа резреви во однос на проектот Митилинеос, реагираат од Здружението на инженери.
Од таму вчера поднесоа и Претставки до Основното јавно обвинителство Скопје; Државното правобранителство; Државната комисија за спречување на корупцијата; Министерството за внатрешни работи; Државниот завод за ревизија; Уставниот суд на Република Македонија; Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги; Комисијата за заштита на конкуренцијата; АД “Електрани на Северна Македонија”; Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и Претседателот и Членовите на Собраниското Работно тело: Комисија за економски прашања,
„Со претставката покрај заштитата на јавниот интерес утврден со уставот и законите, бараме државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет во врска со стратешкиот проект „Митилинеос когенеративна постројка Скопје“, поради сомневање за можна корупција, а до основното јавно обвинителство Скопје, ја поднесовме како иницијатива за покренување предистрага поради сомневање за можен обид за кривично дело поврзано со корупција во врска со донесувањето на закон и договор за стратешкиот проект “Митилинеос когенеративна постројка Скопје”, велат инженерите.
Пратениците можат најмногу три дена да расправаат за законите пред да одат на финално гласање.