Во Стопанската комора презентација на резултатите од анкетите на странските директни инвестиции во 2024 година. Недостигот од квалификувани работници, особено инженери, се најголема главоболка за големите странски компании. Анализата покажала и дека 91% од компаниите се задоволни од вработените, што е далеку подобро од другите земји во регионот.

Недостигот од квалификувани работници, особено инженери, се најголема главоболка за големите странски компании што работат во Македонија. Според најновото истражување, 53% од луѓето заминуваат откако ќе се вработат, а 47% од невработените не сакаат да работат во индустријата.
Од постојните странски инвеститори во државава лани 38 отсто имале зголемен обем на работа, а 62 отсто намален. Дури 51 отсто од нив се соочиле со недостиг на соодветно квалификувана работна сила, а 49 проценти имале зголемени оперативни трошоци што го истакнале како проблем, покажуваат резултатите од Анкетата за странските директни инвестиции за 2024 година што ја спроведе Советот на странски инвеститори при Стопанската комора.
- На исто ниво како проблем како и во претходната 2023 година е бирократијата и несоодветното постапување на институциите, легалната несигурност и честата промена на бизнис регулативата, а како пети проблем е истакната корупцијата и проблемот со судството, рече претседателот на Советот на странски инвеститори Виктор Мизо.
Сепак, анализата покажала и дека 91% од компаниите се задоволни од вработените, што е далеку подобро од другите земји во регионот.

Во однос на најавените царини од 25% на увозот на челик и алуминиум, најавена од американскиот претседател Доналд Трамп, бизнисмените, велат дека тие уште од 2018 година ја имаат оваа царина, но лошо ќе биде ако ЕУ возврати со контрамерки.
Компаниите што учествувале во истражувањето вработуваат над 40.000 работници. Досега вложиле 4 милијарди евра, а само лани инвестирале над 270 милиони евра. 93% од нив се извозно ориентирани.
- Кај нас царинските стапки се меѓу 10 и 15 проценти, а во ЕУ најчесто се помеѓу 0 и 2,7 отсто. Тоа креира голема разлика во она што ние го увезуваме за да биде дел од крајниот производ кој потоа го извезуваме. Затоа ако се споредуваме со било која земја во ЕУ или со Турција и Мароко кои имаат царинска унија со ЕУ не сме конкурентни, рече Мизо.

Од анкетираните компании 48 отсто повторно би се одлучиле да инвестираат во земјава доколку тоа го прават по првпат, 30 отсто не знаат дали тоа би го направиле доколку им се укажела таква можност, а 22 отсто не би инвестирале. Во 2023 година 40 отсто одговориле со да на ова прашање.
За повторно да инвестираат најважни критериуми им се ниски производствени трошоци, можноста да се најде соодветно квалификувана работна сила, соодветна позитивна бизнис клима, ниски даноци, државна помош, локален пазар, инфраструктура, политичка стабилност, близина пазари, близина на добавувачи, членство во НАТО.
Од државата како поддршка бараат јавен превоз за работниците, системи за логистика, детски градинки, банки во близина.





