Странски здруженија на работодавачи, комори, компании и амбасади, па и странски агенции за вработување пред очите на институциите пустошат низ земјава и регрутираат работници и покрај тоа што законски не смеат тоа да го прават без посредници од земјава.
Експерти од областа, но и приватни агенции кои се лиценцирани за посредување при вакви вработувања велат дека државата мора да му стави крај на ваквиот начин на регрутирање работници од земјава за странски компании, не само поради тоа што им ја земаат работата, туку и да ги заштити луѓето кои одат да работат во странство без да ги имаат договорено основните права од работата и странските работодавачи кои можат да бидат излажани за способностите и искуството на работниците кои самите им се нудат без направена претходна селекција. Тие бараат инспекциите да посветат поголемо внимание на ваквите настани и да ги санкционираат организаторите.
Од друга страна, нема информации дека наши комори, здруженија или компании направиле обид да организираат вакви презентации во странство за да обезбедат работници иако најголемиот дел од компаниите веќе бараат да се овозможи увоз на странски работници.
Од агенциите кои се лиценцирани за вработување во странство велат дека не се знае по колку работници се регрутираат на ваквите презентации кои претходно се рекламираат по медиуми и дека никој не ги контролира.
– Во нормален свет каде што има закони за агенции за посредување при вработување во странство на кои им се поставуваат услови за функционирање и организација, не може да се случи нелиценцирани странски здруженија, компании па и амбасади да презентираат работни места и да регрутираат работници, но кај нас и тоа е практика и тие не се контролираат. Овие презентации според нашите закони се нелегални, ако не соработуваат со македонски посредник во државната агенција за вработување или во лиценцирана приватна агенција за посредување при вработување во странство. Законот е јасен – без лиценца не може да се регрутираат работници за во странство, но се чини дека се замижува пред ова незаконско однесување на странските компании и посредници – вели Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на агенцијата „Коузон“.
Тој додава дека со ваквиот начин на регрутирање работници од земјава не само што губат агенциите, туку губат и луѓето кои сакаат да работат во странство, а и компаниите кои бараат работници во земјава.
– Странските работодавачи кои доаѓаат на овие презентации и прават интервјуа со заинтересираните кандидати можат да бидат изиграни од кандидатите за нивната диплома и за работнота искуство и по нивното ангажирање да бидат доведени во незавидна положба. Од друга страна, работниците можат да бидат изманипулирани бидејќи не само што не ги познаваат условите за работа, не ги знаат ни законите на тие земји и правата на работниците таму, па така остануваат покуси во остварувањето на нивните права и очекувањата од сезонското вработување кое патем освен работа од неколку месеци не дава резултати за напредување во кариерата или други поволности кои ги има вработувањето на подолг период – вели Кочоски.
Целиот текст прочитајте го тука.





