Странските инвеститори задоволни од бизнис климата

Остварливи се една милијарда евра инвестиции до крај на годината – вели премиерот по средбата со Советот на странски инвеститори. Тој очекува Македонија да биде меѓу најдобрите во регионот и Европа. Задоволен е од постигнатото за неполни 6 месеци. Биле завршени преговори  или отпочнати 8 инвестиции, во вкупна вредност од над 700 милиони евра и најавени 2.800 вработувања.



-Продолжуваме да работиме на реализација на проектите и исполнување на ветувањата коишто ги дадовме пред граѓаните. Целта наша е да повторам, нешто што сум го кажал многу пати во минатото, е  да стигнеме оваа година до историските 1 милијарда странски директни инвестиции, што мислам дека како цел е остварлива и по глава на жител да бидеме најдобри во регионот или во неколкуте водечки во Европа.  

Разговараме за единствената давачка за која во моментот размислуваме, а тоа е онаа давачка којашто треба да се усогласи со македонското законодавство поврзано со глобалниот корпоративен данок, нешто кое што се свесни буквално сите странски инвеститори. Тоа е прифатено од нив, а мислиме дека е коректно и фер за македонските граѓани, дека оние компании, коишто реализираат профит тука, коишто се добредојдени, се разбира, се дел од македонската економија, да оние 5 проценти повеќе од нашиот рамен данок од 10 проценти ги уплатат во нашиот македонски буџет, за македонските граѓани и тоа странските инвеститори коишто ги исполнуваат овие услови, а условите се знаете во три столба поделени над 750 милиони евра глобален обрт, над 10 милиони во земјава да имаат обрт и над еден милион евра профит тука во Македонија, рече Мицкоски.

Обврската за усогласување со плаќање на глобалниот корпоративен данок ја имаат компаниите со глобален обрт од 750 милиони евра, обрт во земјава од 10 милиони евра и профит во земјава од милион евра. Во Македонија 50-тина странски инвеститори во ќе плаќаат дополнителни 5% данок, наместо досегашните 10% данок на добивка.

Премиерот се осврна и на домашните инвестиции:

-Ова е на полето на странските инвестиции. Но, не ги забораваме и домашните. Тука мораме да спомене дека над 250 милиони евра, оној кредит којшто го потпишавме со Унгарија, односно со унгарската Експорт банка, ќе бидат веќе наскоро од денеска ставени на располагање на македонската економија и компании. Знаете каматната стапка веќе е дефинирана, таа е најниска убедливо во регионот и цениме дека не само за странските туку и за домашните компании правиме навистина многу, а целта е да обезбедиме стабилен развој на државата и на граѓаните да им обезбедиме подобри услови.

Разликата во споредбата со минатото е очигледна. Во минатото според сведоштва на многу инвеститори, морам да кажам, се разговарало за куферчиња, провизии, но морам да кажам дека има и основано сомневања за друг тип на уцени. Сега се разговара за проекти, што може државата и граѓаните да ги добијат. Ние така ќе продолжиме да работиме, затоа што наша цел е да го подобриме стандардот на живот на сите граѓани. И верувам дека промените уште повеќе ќе се чувствуваат во периодот којшто следи, порача Мицкоски.