Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, обелодени дека во текот на минатата и оваа година, само од затворите „Идризово“ и „Скопје“, во Шутка избегале околу 200 затвореници, објави Фокус.



За ова тој ги обвини поранешните први луѓе на Бирото за јавна безбедност и на двете казнено-поправни установи поставени на овие функции од, како што рече, власта на СДСМ и ДУИ.

„Јас сакам да поставам едно прашање – зошто 200 луѓе избегале од затвор за време на директорувањето на претходниот директор на БЈБ во текот на 2023 и 2024 година. Зошто 200 луѓе избегале од Шутка и од ‘Идризово’ за време на претходните директори на Шутка и на Идризово. Да не ги пуштиле случајно? Да не ги пуштиле со намера“, прашува Тошковски.

За да ги најде и врати бегалците од затвор, Тошковски објави дека почнуваат со оперативна акција, која ќе биде фокусирана на безбедноста на Скопје.

„Отвораме посебна оперативна акција, којашто ќе треба да биде фокусирана исклучиво на безбедноста на градот Скопје и на скопјани, оперативна акција, која ќе обезбеди зголемено присуство на полициски службеници на терен. Граѓаните нека знаат дека тоа е затоа што сакаме да ја доведеме безбедносната состојба таква каква што треба да биде“, вели Тошковски.

Фокус испрати прашања колку точно лица се избегани или не се вратени во „Идризово“ и во затворот во Шутка, но точна бројка не е била добиена ниту од МВР, ниту од Управата за извршување санкции.

Без одговор останале прашањата:

-Колку затвореници не се во затворите низ Македонија, вклучувајќи ги и Шутка, Идризово, но и другите затвори низ земјава.

Дали овие затвореници биле пуштени на викенд и не се вратиле или како избегале?

Според информациите пак што ни ги дадоа директорите на двата затвори, може да се заклучи дека со години над 100 осуденици се надвор од двата најголеми затвори…пишува Фокус.