Станковиќ: Мора да се измени Договорот со Бугарија, оти наметнува апсурди за македонскиот идентитет, јазик и историја!

„Барањата за измени на т.н. Договор за добрососедство со Бугарија, или на преговарачката рамка со Европската Унија, која произлегува од т.н. француски договор, се легитимни, бидејќи се спротивни на интересите на македонските граѓани. Нема никакви гаранции дека Македонија еден ден ќе стане полноправна членка на Европската Унија. Нема никакви гаранции дека Бугарија, или некоја друга држава нема да стави ново вето и покрај потпишаните меѓународни договори. Договорот за добрососедство со Бугарија мора да претрпи измени и дополнувања, бидејќи директно се меша во внатрешните работи на Македонија и наметнува апсурдни идентитетски и историски прашања. Затоа мора да се внесат и барањата на македонскиот народ, односно дека ќе постојат гаранции дека ќе се почитуваат неговите национални особености – јазик, историја, култура и т.н.“ – нагласува новинарот Далибор Станковиќ во својата колумна со наслов „Секоја страна на договорот има право и обврска да ги штити сопствените интереси, а не да се стави во функција на туѓите интереси“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Станковиќ натаму пишува: Во ваков контекст треба да се разберат и изјавите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека може повторно да се преговара за т.н. Договор за добрососедство со Бугарија, или искажувањето на македонската претседателка Гордана Силјановска–Давкова дека ниту еден член од Договорот со Бугарија не вели оти треба да го смениме Уставот. Со ова се искажува една политичка волја и така треба да се толкува, а не да се влегува веднаш во технички прашања како може и како не може да се пристапи кон Преспанскиот договор. Волјата за измени е најбитна, техниките се утврдуваат натаму…

Да нема дилеми. Секој правен договор може да се измени, дополни, суспендира или да се раскине, вклучувајќи ги и обврзувачките меѓународни договори, во согласност со меѓународното право (правото на нациите). Во пракса до измени или, до раскинување одреден договор најчесто доаѓа кога една од двете страни смета дека договорот е на нејзина штета. Ако станува збор за меѓународни актери, како што се државите или нациите, тогаш настојувањата за измени, или за раскинување одреден меѓународен договор се и уставна обврска. Власта, односно институционалната моќ, произлегува од волјата на граѓаните и ако одреден меѓународен договор е спротивен на интересите на граѓаните, тогаш власта мора да настојува да го измени, или да го суспендира тој договор.

Македонските настојувања за повторно преговарање и измени на т.н. Договор за добрососедство со Бугарија или измени на преговарачката рамка наидоа на дипломатски месарски нож од бугарска страна. Најпрво бугарскиот претседател Румен Радев нагласи: „Неопходно е познавање на меѓународното право. Кога ќе се потпише меѓународен договор, тој треба да се исполни од сите идни влади, а не да се ревидира.“. Кон овој став се придружи и бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која рече: „Не сакам да верувам дека нашите соседи го менуваат својот курс во однос на вистинското членство во Европската Унија. Препорачувам внимателно да се прочитаат документите на ЕУ, одлуките на Советот, врз основа на францускиот предлог, кој долго време е официјална одлука на Европската Унија, резолуциите на Европскиот парламент, во кои јасно се споменува значењето на Договорот за добрососедство и Договорот од Преспа, кои се елемент од преговарачкиот процес.“

Немаат основа тврдењата дека македонската страна не го познава меѓународното право,  или дека треба внимателно да ги прочитаме документите на ЕУ. Меѓународните договори произлегуваат од меѓународното право (правото на нациите), кое вели дека секој меѓународен договор може да се дополни со амандман. Во меѓународното право под поимот амандман се подразбира формална промена на одредбите од договорите, што ги засегаат сите страни во конкретниот договор. Ваквите измени мора да се извршат со истите формалности, кои присуствуваа на првичното формирање на договорот, во согласност со Виенската конвенција за правото на договори од 1969 година.

Меѓународното право вели дека меѓународен договор може да биде изменет со договор на страните, односно секоја страна на договорот има право да учествува во преговорите за амандманот и да стане страна на новиот амандман. Праксата на Европската Унија потврдува дека може да се променат меѓународни договори. Советот на Европската Унија во 2010 година го суспендираше членот 96 од договорот Котону, заменет со договорот на Самоа во 2023 година со Зимбабве, со што ја запре исплатата на развојната помош за земјата. Советот на Европската Унија одлучува во оваа насока врз основа на предлог на комисијата или на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ.

Ако настојува Европската Унија преку меѓународните договори да ги заштити и да ги  спроведе своите политички цели, тогаш е логично и Македонија како држава, нација и општество да настојува да ги заштити своите интереси. Преговарачката рамка со Европската Унија и т.н. Договор за добрососедство со Бугарија не ги вклучуваат барањата на македонскиот народ, нема гаранција и заштита на македонските национални особености. Затоа договорот за добрососедство со Бугарија мора да претрпи измени преку амандмани. Овие измени директно ќе се одразат и врз преговарачката рамка со Европската Унија.