Попарени од вчерашната одлука на Синодот на Бугарска православна црква (БПЦ) во однос на барањето од Македонска православна црква – Охрдиска архиепископија (МПЦ-ОА) да ѝ стане црква-мајка, повеќе грчки медиуми излегоа со критички осврти на таквиот потег.
„Обидувајќи се да ја стави под ‘заштита’ БЈРМ, Бугарија ѝ понуди силна поддршка на нејзината европска перспектива, а сега ја користи црквата за да го прошири своето влијание во регионот што е во центарот на бугарскиот иредентизам“, констатира порталот „Либерал“ во текстот насловен „Бугарска ‘капа’ за ‘Македонската црква’“.
Специјализираното религиозно гласило „Вима ортодоксијас“, пак, во написот „’Бомба’ од бугарскиот патријарх: Ја призна расколничката црква на Скопје“ го проблематизира чекорот на БПЦ од канонски аспект.
„Оваа одлука создава повеќе еклисиолошки проблеми. Врз основа на светите канони, црквата на територијата на БЈРМ припаѓа на Српска православна црква и поради тоа Бугарска патријаршија не може да донесе одлука за ова прашање, бидејќи не е надлежна. Згора на тоа, единствена црковна инстанца што одлучува по барање за признавање на автокефалност е Вселенска патријаршија. Аргументот на Бугарска православна црква е идентичен со толкувањето што го даваат Светите канони на Московска патријаршија, тврдејќи дека секоја патријаршија може да стане црква-мајка“, пишува „Вима ортодоксијас“.





