Во јавната комуникација по телефонскиот разговор меѓу потпретседателот на САД Мајк Пенс и македонскиот премиер Зоран Заев вчеравечер се вклучи и Срѓан Керим, претседавач со 62 Генерално Собрание на ОН, екс министер за надворешни работи на Македонија и директор на медиумската корпорација МПМ која што прекина со издавање на сите свои изданија.
„Македонија е и секогаш ќе биде доверлив сојузник на САД. Во ЕУ, ОН и секаде. НАТО членството е задолжително. САД може да направи тоа да се случи“, им напиша Керим на Пенс и Заев во својот твит кој што остана без никаква реакција речиси два часа.
Ниту еден следбеник на Керим не го реобјави неговиот пост ниту го бендиса јавно.
Керим кој важеше за близок човек на екс владата и беше поддржан и како кандидат за претседавач со 62 Генерално Собрание и како кандидат за Генерален секретар на ОН, за прв пат ноќеска влезе во јавна интеракција со новиот премиер барем на социјалните мрежи.





