Српски игумен: Македонија е грчка? Е па не е баш така, браќа Грци

Петар Драгојловиќ, игумен на православниот манастир Пиносава кај Смедеревска Паланка, јавно им порача на Грците дека немаат ексклузивитет над Македонија и нејзиното име, бидејќи постои и македонски народ како мнозински во Република Македонија, за кој вели дека му е „мил и посебен народ со своја држава, свое име, своја нација, свој јазик, своја историја“.



„’Македонија е грчка’, гласи слоганот на грчките протести во Атина?! Е па не е баш така, браќа Грци. Со сета почит, мој личен став е дека не ќе да е Македонија само грчка и дека македонското име е исклучива сопственост на Грците. Егејска Македонија е грчка, бидејќи во неа денес живеат главно Грци и ѝ припаѓа на грчката држава. Вардарска Македонија денес е мнозински македонска и таа држава се вика Република Македонија. Никој нема право да им го зема името и јазикот на еден народ и на една држава. Во Република Македонија 80 проценти од жителите денес се Македонци и тие денес мнозински не се ни Грци, ни Бугари, ни Срби. Во неа денес мнозински живее македонскиот народ. Како што во Пиринска Македонија мнозински живеат Бугари. Значи, Македонија е територија на три држави и на многу народи што живеат во тие три држави, но главно Грци, Македонци и Бугари.

На мене, како Србин и православен игумен кој живее во Србија, Македонците ми се мил и посебен народ, кои имаат своја држава, свое име, своја нација, свој јазик, своја историја. Исто така, ги сакам и ги ценам и Грците, и Бугарите, но не поддржувам нечиј елитизам, било кај поединци во секој народ, било на некои поголеми групи на секој народ. Ни српски, ни бугарски, ни грчки, ни македонски. А паролата ‘Македонија е грчка’ е, му се допаѓало тоа некому или не, елитистичка. Грците немаат право да ја присвојуваат цела Македонија, ниту единствен ексклузивитет за нејзиното име.

А оној што барем малку знае историја, знае дека обичните антички Македонци, меѓу себе, зборувале различен мајчин јазик од Грците, т.е. биле поинаков народ од Грците. Така што Грците не можат да ги присвојуваат ни сите антички Македонци, а не можат ни денешните Македонци и денешната Република Македонија“, порача јеромонахот од Српска православна црква, на чиј профил на „Фејсбук“ пишува дека учел на Московска духовна академија и на Богословија „Свети Петар Цетињски“.