Со втопувањето во Бугарска православна црква, Македонија сигурно гази кон НАТО, смета српскиот политички аналитичар Драгомир Анѓелковиќ.
„Евроатлантските центри на моќта очигледно извршиле голем притисок врз бугарската власт да влијае на својата црква за Македонија што повеќе да се поврзе со Запад. Работата е проста – ни Цариградска, ни Руска патријаршија нив не би ги зеле под свое. Неканонско е нивното барање таквата расколничка црква да дојде под закрила на канонски призната. Со ова Бугарија направи сериозен канонски прекршок и со самото тоа влезе во судир со Вселенска патријаршија и со Московска“, изјави Анѓелковиќ за српскиот магазин „Ало“.
За верскиот аналитичар Драшко Ѓеновиќ, пак, нелогично е Македонската црква баш од Бугарската да бара автокефалност.
„Српска патријаршија на Македонците во 2000 година им нудеше да се вратат. Се поставува прашањето зошто не сакаа, ако имаат за цел само да го подобрат статусот на својата црква. Добиваа од Српската црква целосна самостојност, иако би биле под нејзина закрила. Затоа е воспоставена Охридска архиепископија на чело со владиката Јован, кој подоцна беше и во затвор. Тој е единствениот епископ на православна црква во светот пратен во затвор. Сето тоа сега е проблем – Македонската црква веќе 50 години не е автокефална, таа е надвор од каноните и од канонскиот поредок и се обидува да го реши својот статус. Претходната власт не се обидуваше ништо слично, а сега тоа, сепак, го спроведоа во дело, бидејќи секоја власт има своја агенда. Многу е чудно што ова го бараа од Бугарите, а не од Цариградска патријаршија, која е главна, со оглед на тоа дека нејзиниот патријарх е прв меѓу еднаквите“, вели Ѓеновиќ за потребите на написот насловен „Се одрекоа од Србите за да ги прими НАТО!“.




