Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, Драган Стојковиќ, изрази сочувство за настраданите во трагедијата во Кочани и за нивните семејства, предлагајќи неговите избраници да одиграат пријателски натпревар со Македонија од хуманитарен карактер.
„Пред да ја почнеме конференцијата во врска со натпреварите што претстојат… Вчера се случи една стравична несреќа, незапаметена трагедија во Кочани, Македонија. Сакам само да му изразам сочувство на народот на Северна Македонија и на семејствата на настраданите. Една навистина голема, голема трагедија. Ќе му предложам на Фудбалскиот сојуз на Србија да стапи во контакт со Фудбалската федерација на Македонија за евентуално во наредниот период да одиграме пријателски натпревар. Се разбира, за сето тоа да има поддршка и хуманитарен карактер. По нашите трагедии што ги имавме, ова е уште една голема трагедија. Тоа е животот“, рече популарниот Пикси на средбата со новинарите пред баражот за опстанок во А-дивизијата од Лигата на нациите против Австрија на 20 март во Виена и три дена подоцна во Белград.






