Српската полиција започнала со системски мерки за релокација на бегалците во внатрешноста на земјата кон бегалскиот камп во близина на Прешево на Македонско – Српската граница а потоа и преку границата, тврди организацијата „Србија без граници“.
Според нивни претставници по претседателските избори во земјата српската полиција веќе не е мирољубива кон бегалците и отворено употребува сила. Во последниве три недели полициските единици во три наврати организирале насилни операции за релокација на бегалците од централна Србија во „Затворскиот логор“ како што се нарекува кампот во Прешево.

Тој логор според организацијата која им помага пред се на мигранти без документи, се води како прифатен центар од отворен тип но во него има околу 1000 луѓе меѓу кои и семејства со деца кои не можат да излезат надвор повеќе од една година.
Излезот и влезот во кампот е забранет а српските власти редовно ги празнат логорот така што илегално ги депортираат бегалците во Македонија, се вели во информацијата на „Србија без граници“. И тие што се фатени како го напуштаат кампот без дозвола се казнуваат со депортација во Македонија.
Според организацијата главен виновник за трите релокации кон Прешево а потоа и кон Македонија е српскиот министер за труд Александар Вулин кој отворено се користи со расистичка реторика како во случајот со неговата изјава според која „МУП Србија го исчистило Шид од нелегалните“.
Македонските власти досега не информирале за зголемен прилив на бегалци од Србија на македонска територија ниту за зголемен број на илегални преминувања на границата.





