„Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити оствари работна средба со градоначалникот на општина Тетово Билал Касами на 2 јули 2024 година. На оваа средба се разговараше за децентрализацијата – еден од главните столбови на програмата на Владата.“ – објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.
Натаму ИНА ја објави изјавата на Изет Меџити, во која тој нагласува: „Општините ја претставуваат првата директна власт за потребите на граѓаните и се главниот мотор на економскиот развој. Во овој контекст заеднички разговаравме за повеќе проекти, меѓу кои проектот на главната водоводна цевка, финансирање вторични (секундарни) водоводни мрежи, изградба на пречистителна станица за отпадни води, проширување на канализациската мрежа во градот Тетово, како и изградба на новата канализациска мрежа од 32,4 километри, финансирана од централниот буџет, која ќе биде наменета за капитални и инфраструктурни проекти во општините. Овие проекти имаат за цел да го подобрат квалитетот на животот на граѓаните и да претстават одржлив економски развој низ целата земја.“
„На нашата средба ја истакнавме важноста на децентрализацијата за зајакнување на ефикасноста на општините. Општините се на првата линија на задоволување на потребите на граѓаните и можат да дејствуваат побрзо и со поголема приспособливост во справувањето со предизвиците на граѓаните. Имајќи го ова предвид, заедно подготвуваме детален план за посета на сите општини, со цел да се динамизираат процедурите за реализација на проекти животно важни за нивните жители.“
„На нашата средба ветив дека Владата ќе биде гарант оти сите општини ќе имаат подеднаква поддршка! Сметаме дека само преку таква поддршка можеме да обезбедиме голем, стабилен и еднаков развој во сите региони на нашата земја. Покрај другото, ние ветивме економски развој и решени сме да го исполниме ова ветување. Во овој дух подготвени сме да ги преземеме неопходните чекори за реализација на овие проекти и да обезбедиме нашите граѓани да имаат корист од овие важни инвестиции.“





