Совет за соработка на високо ниво е новоформираното тело за унапредување на односите меѓу Македонија и Турција на денешната средба меѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара.
„Советот ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји. Ваквата стратегија ќе претставува основа за развој на соработката во овие области, а Советот ќе го поттикнува нејзиното спроведување. Ние сме посветени како држава на градење на цврсто партнерство и потврда за македонско турското пријателство на економски, политички и културен план“, рече Мицкоски на заедничката прес-конференција.
„Се договоривме дополнително да ги зајакнеме нашите врски и ја потпишавме декларацијата за формирање на нашиот совет. Се надевам дека наскоро ќе го посетам Скопје за реализација на нашиот прв состанок на Советот“, им изјави Ердоган на новинарите по средбата.
Инвестициите на Турција во Македонија надминаа 2 милијарди долари, а обемот на билатералната трговија е милијарда долари, потсети Ердоган, нагласувајќи ја заедничката цел на двете земји да го удвојат во следните години.
 
             
		






