Активностите за изградба и отворање на граничниот премин Лојане-Миратовац беa главна тема, на која се разговараше на денешната средба во Прешево, општина на југот на Србија, меѓу нејзината претседателка Ардита Синани со заменичката-министер за транспорт и врски Калтрина Зеколи и Елфете Исмаили, заменичка-министер за одбрана, како претставнички на Владата на Република Македонија. На оваа средба учествуваа и пратеничките-Албанки во републичкото Собрание на * Македонија Калтрина Беќири и Имерлие Салие, како и советнички во општинското Собрание на Прешево. Информација за ова објавија медиумите на албански јазик информативниот портал „Алфакс“ и информативната агенција Илирија-ИНА. Инаку, Лојане е погранично село во Општина Липково, во кумановскиот регион. Миратовац, или Миратовце, е населено место во српската општина Прешево, во непосредна близина до македонската граница. Кога ќе биде оформен и отворен, новиот новиот граничен премин Лојане- Миратовац ќе им го олесни движењето на 9 илјади жители од двете страни на македонско-српската граница: наместо да одат 40 километри по заобиколни патишта, тие жители ќе поминат само во два километра преку овој нов граничен премин.
По средбата во Прешево во врска со натамошните активностите за изградба на овој граничен премин, покрај другото, заменичката-министер за транспорт и врски Калтрина Зеколи напиша на својот фејсбук-профил: Разговаравме за некои важни прашања за соработката меѓу албанските општини во регионот, истражувајќи ги можностите за зајакнување на врските во различни области, вклучително и економски, културен и социјален развој. Една од главните теми беа инфраструктурата и транспортот. Разговаравме за подобрување на патната инфраструктура и создавање подобри услови за движење на нашите граѓани. Ќе продолжиме со конкретни активности на централно и локално рамниште за зајакнување и проширување на оваа соработка.“
По средбата со институционалните претставнички на Владата на Македонија, претседателката на општина Прешево Ардита Синани напиша на својот фејсбук-профил: За Прешевската долина воопшто и за општина Прешево особено, координацијата со албанските институционални претставници на * Македонија е од животно значење, имајќи ја предвид емотивната и меѓугранична поврзаност, што постои меѓу нас. Граничниот премин Миратовац-Лојане е поврзувачки мост и можност за економски развој на нашиот регион, овозможувајќи слободно движење на жителите од ова подрачје. … Очекуваме дека резултатите од оваа средба ќе бидат опипливи во блиска иднина, зајакнувајќи ги нашите институционални и братски врски.“







