Македонската машка младинска ракометна репрезентација денеска го игра четвртфиналниот дуел на Светското првенство, а противник е главниот фаворит, Франција. За францускиот репрезентативен ракомет не треба да се трошат многу зборови. Оваа селекција на ракометари се европски шампиони до 18 години, и светски до 19, а сега во Алжир атакуваат да го освојат и до трофеј.
Предност за Франција е фактот што својот осминафинален натпревар со Исланд (28-25) го играа вчера рано, а ние против Алжир славевме (24-20) малку пред полноќ. Но тоа нема да ни влијае на мотивите кои се до небо иако Франција нема пораз во досегашниот дел од шампионатот, а нерешено извлече само Словенија.
Со триумфот против домаќинот Македонија остана на СП ја брани честа на Балканот зошто две големи нации Хрватска и Словенија доживеаја елиминација. Интересен е и податокот дека сите учесници од групата Ц изборија четвртфинале, ние, Тунис, Русија и Шпанија.
И покрај заморот не се сомневаме дека избраниците на Илија Темелковски и вечерва ќе дадат се од себе за да направат изненадување и да се пласираат меѓу четирите најдобри на мундијалот. Франција е голем фаворит, но Македонија покажа дека може да се носи со сите, а така треба да биде и сега. Мечот Македонија-Франција започнува од 19.30.





